Министерството за образование и наука ја подобри својата активна транспарентност за дури 21 % во 2021 година во споредба со минатата година, што го вбројува меѓу институциите со најголем напредок, покажува најновото рангирање на Центарот за граѓански комуникации.
Со последното рангирање МОН од групата „добра“ влезе во првата група институции со „многу добра“ активна транспарентност. Односно, од минатогодишните 70,8 транспарентноста годинава е зголемена на 91,9 процентни поени.
Под „активна транспарентност“ се подразбира објавувањето информации на сопствена иницијатива на институциите, без притоа некој да има доставено до нив барање за пристап до тие информации
Рангирањето се спроведува врз основа на јавно објавени 21 документ – информации од јавен карактер, транспарентност и отчетност и други прашалници.
Во најновиот извештај институциите ја подобриле активната транспарентност за 5%, односно во просек активната транспарентност на Владата, министерствата и на општините изнесува 63 од максимални 100%.