Активната транспарентност на Владата во 2021 година изнесува 93,5, а заедно со министерствата и општините изнесува 63 проценти и е подобрена за пет процентни поени во однос на минатата година, покажува годишното рангирање на институциите според Индексот на активна транспарентност што го изработува Центарот за граѓански комуникации.
Според рангирањето транспарентноста на Владата во споредба со минатата година е подобрена за 2,1 отсто.
Министерствата и Владата просечно објавуваат 79 проценти од потребните информации што е минимално зголемување во однос на ланските 77 проценти, додека кај општините петта година по ред се забележува помала транспарентност од министерствата.
Општините објавуваат 60 проценти од потребните информации што е за 5,5 проценти поени повеќе во однос на лани.
Најмалку информации институциите објавуваат за финансиите, а општините за прашањата од нивната надлежност.
Од годинава, активната транспарентност е претставена на специјално изработената веб-страница www.aktivnatransparentnost.mk со преглед на сите опфатени институции, но и на индивидуалните резултати за секоја институција од 2016 годинава наваму.
Индексот на активна транспарентност се реализира во рамки на активноста „Јавно трошење за јавно добро“, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта е да се зголеми ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.