Министерот за здравство Венко Филипче денеска соопшти дека се обезбедени средства за лекот што го примаат три деца со дијагноза цистична фиброза и додаде дека се чекало по завршувањето на терапијата да се видат резултатите.
– Станува збор за лек што го прима една категорија на деца со дијагноза цистична фиброза, односно со една специфична мутација на еден од гените што ја носат. Инаку, пациенти со цистична фиброза има повеќе. Не се сите кандидати да го примаат овој лек. И на Клиниката за педијатрија, ФЗОМ обезбеди еден буџет во кој требаше да се види ефектот на лекот поради тоа што и покрај тоа што е специфичен за таа мутација, кај таа дијагноза, не секогаш дава резултати. И таков беше договорот дека ќе почне со условен буџет, ќе се земе таа количина и после резултатите или укажувањето дали има или нема ефекти обврската ќе ја преземеме ние во рамките на нашата програма, изјави Филипче одговарајќи на новинарско прашање.
Средства, нагласи Филипче, има и тоа што го чекавме беше извештајот од експертите дали има ефект кај децата или не.
-И добро е што има одличен ефект. Навистина овие три дечиња се чувствуваат многу подобро отколку порано. Така што, тој документ што ние го чекавме го добивме и ќе ја започнеме постапката. Се надевам дека ќе заврши во најкраток можен рок, а во меѓувреме ќе се обидеме да обезбедиме донација да го премостиме периодот сега од завршувањето на примањето на терапија на Клиниката додека се заврши постапката тука во Министерството со цел да не се остави празен простор, рече Филипче.