Владата на вчерашната седница го утврди текстот на Предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на КОВИД-19. Овој предлог-закон, како мерка за ублажување на последиците од пандемијата, беше вклучен во петтиот пакет мерки на Владата. На 150 илјади граѓани им се отпишуваат долговите за камати кон јавните претпријатија и по други основи.
Се подготвуваме од 1 септември сите ученици да се вратат во училишните клупи под протоколи за заштита од Ковид-19, рече министерката за образование и наука Мила Царовска. Царовска истакна дека Планот и Протоколите денеска беа усвоени од Владата. Новата учебна година ќе започне со физичко присуство за сите ученици. Тоа е и најпосакувано сценарио. Секако, наставата ќе се одвива со усвоени протоколи, носење маски, проветрување и мерење на температура, рече Царовска.
Во услови на стабилна епидемиолошка состојба и со 221 активен случај на Ковид-19, Владата вчера донесе одлука да се дозволи организирање на свадби и во затворен простор со максимум 250 лица. На предлог на Министерството за економија Владата донесе одлука од 1 јули 2021 година свадби да се организираат и во затворен простор со максимум 250 лица, но не повеќе од 40 отсто од капацитетот на просторот, напиша на неговиот фејсбук-профил министерот за економија Крешник Бектеши.
Бугарското вето е секако неоправдано и за жал националистичка злоупотреба на моќта на земја членка на ЕУ. На многу начини, тоа е дури и повеќе безобразно од грчкото вето затоа што става вето на земјата откако ја поддржуваше со години, не се спротивставуваше на претходните политики и потпиша договор за пријателство, ова го истакнува Флориан Бибер.
За секоја точка со барања од страна на Република Бугарија треба да има реципрочно барање од страна на Република Македонија. Тоа се вика реципроцитет. Реципроцитетот мора да се примени во билатералното договарање. Во спротивно не е веќе договарање туку облик на ултиматум, пишува професорката Мирјана Најчевска.
М. Миткоска




