Можноста за унапредување на соработката е една од темите на кои на денешната работна средба разговарале заменик министерот за информатичко општество и администрација Александар Бајдевски и амбасадорката на Република Естонија, Кристи Карелсон.
Од МИОА информираат дека двајцата соговорници разговарале за создавање услови за воспоставување на соработка меѓу ИКТ компаниите во двете земји. Во таа насока, меѓу другото се планира посета на бизнис делегација од Естонија во нашата земја, што би се реализирала за неколку месеци.
Бајдевски посочил дека со Естонија и во минатото сме имале успешна и продуктивна соработка, особено што оваа земја е лидер во дигиталната технологија.
Бајдевски потенцираше дека во Република Северна Македонија многу внимание и работа се посветуваат на дигитализацијата и многу работи веќе се направени како што се: Националниот портал за е-услуги, централниот регистар на население, Интероперабилност итн.
– Основите на дигитализацијата се поставени и останува да работиме на развивањето на услугите, рече Бајдевски, посочувајќи дека естонските искуства се исклучително добредојдени, вклучувајќи ги и оние во однос на Сајбер безбедноста.
Амбасадорката Карелсон изразила задоволство од средбата и ја искажа својата поддршка во насока на понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете земји





