ΚΑΤΑ ΤΟΝ ΔΑΙΜΟΝΑ ΕΑΥΤΟΥ е фраза на старогрчки јазик, напишана на надгробната плоча на Џим Морисон (8. декември 1943 – 3. јули 1971) од култната група The Door’s, и значи „Според својот дајмон“, каде што хеленскиот поим δαίμων „дајмон“ нема никаква врска со денешното негово толкување.
Во античка Хелада идејата за дајмон е идеја за своевидно лично божество кое сопостои со човекот од неговото раѓање сѐ до неговата смрт. Дајмон е внатрешен глас, совест, личен духовен водач кој ја определува и плете судбината на секој човек. Дајмон е божество повозвишено од човек, а помалку возвишено од бог, коешто општејќи меѓу двата света, ја поврзува вселената во целина. Човекот, делувајќи според својот дајмон, во согласност со своите начела судбински доделени од него, сообразно со она што личната совест го определува за исправно и не обѕирајќи се на нечија друга, живее во склад со својот личен бог, со својот дајмон.
Еве што вели Платон за генезата на дајмоните:
…СОКРАТ: По ова, што би можеле да разгледаме?
ХЕРМОГЕН: Јасно е дека дајмоните.
СОКРАТ: А, што навистина, Хермогене, би можело да значи името „дајмони“? Види дали сметаш дека има нешто во она што мислам да го кажам.
ХЕРМОГЕН: Само зборувај.
СОКРАТ: Дали знаеш за кои Хесиод вели дека се дајмони?
ХЕРМОГЕН: Не се сеќавам.
СОКРАТ: Зарем не се сеќаваш и на она што вели дека златниот род е првиот род во кој настанале луѓето?
ХЕРМОГЕН: Тоа го знам.
СОКРАТ: За тој род вели вака:
Потоа, откако овој род човечки земја го покри
прерасна в дајмони свети, земни наречници уште,
чувари добри од зла, закрилници на луѓето смртни.*
ХЕРМОГЕН: Што има тука?
СОКРАТ: Јас сметам дека затоа се вели дека родот бил златен, не затоа што бил направен од злато, туку затоа што бил добар и убав. Според мене, тоа е потврда за она што го кажува за нас дека сме железен род.
ХЕРМОГЕН: Вистина кажуваш.
СОКРАТ: А, што мислиш за некој од оние кои денес живеат, ако е добар, зар не би рекол дека тој е од златниот род?
ХЕРМОГЕН: Веројатно.
СОКРАТ: А, дали се добрите нешто поинакво, или се умни?
ХЕРМОГРЕН: Умни.
СОКРАТ: Токму тоа е она што подобро од кој било, како што мислам, го кажува за дајмоните; затоа што се умни и зналци (δαήμονες) тие се наречени „дајмони“ (δαίμονες). А, во постариот наш говор ова име се сретнува заедно со другото. Убаво зборува овој, а и многу други поети кога велат дека кога ќе умре некој добар човек, нему му се доделува голема судбина и чест и станува дајмон во согласност со името за умност (φρονήσεως). Поради ова и јас секој човек што е добар го сметам за дајмонски, без разлика дали е жив, или умрен и сметам дека е точно нарекуван „дајмон“.
ХЕРМОГЕН: Јас, Сократе, во целост се согласувам со тебе. Но, што би било „херој“ ( ἥρως)?
…
*Хесиод, Дела и дни, 121-3. Препев Витомир Митевски, Култура, 1996.
Платон, Кратил. Превод Весна Томовска. Магор, 2006.
Извор: АРГΩ