Кризата предизвикана од Ковид-19 донесе голем број на загубени работни места, намалени плати, прекршени работнички права и ризик по физичкото и психичкото здравје на работниците и работничките во текстилната индустрија. Ова се само дел од сознанијата кои беа изнесени на денешната панел дискусијата на тема „Индустрија во криза – Предизвиците на текстилната индустрија пред и по кризата со Ковид-19“, која беше организирана од страна на Здружението за истражување и анализи ЗМАИ.
Виктор Стојкоски, еден од главните истражувачи на проектот, истакна дека анализата на податоците од државните институции и локалните самоуправи покажуваат дека невработеноста во текстилната индустрија се зголемила за 128 отсто, а учеството на лица со примања под минималецот се зголемува за 17,6 проценти во април 2020 година.
Вели дека овие резултати се поразителни и укажуваат на тоа дека текстилната индустрија била нестабилна уште пред почетокот на пандемијата, но со нејзиното јавување овие проблеми дошле до израз.
Според Кристина Ампева, извршна директоркана Здружението Гласен Текстилец, откако била прогласена кризата жените биле први на удар.
-Откако е прогласена кризата први на удар беа жените посебно во текстилната индустрија како ниско платена гранка, но оние мерките за бремените, хронично болните, мајките со деца од 10 годишна возраст, мислам дека тука настана најголемиот хаос и најголемиот број на прекршувања на договорите за вработување, злоупотреби со истите договори, воедно не беше исплаќана минималната плата, иако имаше државна помош за исплата на минимална плата, изјави таа.
Ампева информира дека дополнителен проблем е непостапувањето на одредени институции.
-Ние имаме една кривична постапка и истата стои во Јавното обвинителство во Делчево и не се процесуира од ноември минатата година. Воедно пропуштивме голем период за дури од ноември да видиме дека има кооридинирани акции од страна на Управата за јавни приходи, не изостанува ни Основното јавно обвинителство – Скопје каде уште лани во август беа предадени случаите, се уште не гледам дека нешто е процесуирано за тие злоупотреби на државна помош, заклучи Ампева.
На презентацијата на заклучоците од огранизациите присуствуваше и директорката на Државниот инспекторат за труд, Јована Тренчевска, која порача дека е потребно доследно спроведување на законските мерки и обврски кои произлегуваат од законите и од одлуката за превентивни мерки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Ковид-19.
-Во текстилниот сектор во текот на 2020 година извршени се 1.443 надзори, изречени се 173 инспекциски мерки и предлог за поведување на една кривична пријава. Во 2021 година исто така, продолжуваат интензивните инспекциски надзори. Во периодот јануари–мај 2021 извршени се 700 надзори во текстилниот сектор, додека изречени се 202 инспекциски мерки, посочи Тренчевска.
Претседателот на Синдикатот за текстил, кожа и чевларство при ССМ Љупчо Радевски, смета дека овие проблеми не се присутни само во текстилната индустрија туку и пошироко, и воедно ги истакна и останатите проблемите во оваа индустрија.
извор: МИА





