По повод изгласувањето на Законот за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за национален парк од страна на Собранието на Република Северна Макеоднија и потпишувањето на указот од страна на претседателот Стево Пендаровски, министерот за животна средина и просторно планирање одржа прес конференција на која ги изнесе деталите од Законот, идните чекори во имплементација на Законот и обезбедувањето на одржливо управување на заштитеното подрачје.
„Со посебна гордост се обраќам на оваа конференција за медиуми посветена на донесувањето на Законот за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк, еден од целите кои си ги поставив од почетокот на мојот мандат, на што исто така Министерството за животна средина и просторно планирање многу напорно работеше во изминатиот период. Поминаа точно две години откако јас станав министер до усвојувањето на Законот. Откако минатата недела, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија со мнозинство од 66 гласови, за жал не 90 како на првото читање, го изгласаа нашиот предлог за прогласување на македонскиот дел од Шар Планина за национален парк, оваа недела беше потпишан и указот од страна на претседателот, со што нашата држава донесе историска одлука и го доби четвртиот национален парк по прогласувањето на последниот во 1958 година и првиот по осамостојувањето“, вели министерот Нуредини.
Им честитам на сите кои учествуваа во овој процес, им честитам на граѓаните за овој историски успех. Ова е голем чекор со кој обезбедивме големи придобивки природата и за сите нас, но и за генерациите што доаѓаат.
Кога зборуваме за зелена агенда, или Европскиот зелен договор, ова е тоа што тој всушност значи. Зачувување на природните вредности кои ги имаме со истовремено креирање на економски можности за развој на одржлив начин, што ќе креира и работни места, она што на меѓународно ниво се нарекува зелени работни места.
Со донесувањето на овој закон се стави под заштита и се овозможи воспоставување на систем за одржливо управување на подрачје кое е ризница на биодиверзитетот, дом на две третини од сите растителните видови во Северна Македонија и богат и ендемичен растителен и животински свет. Располага со исклучителни природни убавини, геодиверзитет, хидролошки карактеристики, пејсажни, пределни и културни вредности.
Вкупната површина на паркот е 62 705 хектари, од кои 26,5% е во зона на строга заштита, 49,06% во зона на активно управување и 22.02 % се во зоната на одржливо користење. А предвиден е и една заштитен појас на Попова Шапка со што ќе се овозможи одржлив развој на овој туристички центар. Во креирањето на границите се внимаваше да обезбеди хомогеност на зоните, да се следи теренската конфигурација и да се во хармонија со соседните паркови. Предложеното зонирање е усогласено со зонирањето во националните паркови со кои граничи – НП Маврово и НП Шари во Косово и ги зема предвид традиционалните активности во подрачјето како сточарството, земјоделството и слично.
Согласно законот, Владата ќе треба да основа Јавна Установа национален парк во рок од 3 месеци, од неговото стапување на сила. Управувачката структура и начинот на функционирање ќе биде ист како и кај сите други национални паркови во државата уредени во Законот за заштита на природата.
Ќе се воспостави ренџерска служба, при што разговараме и со Национални Шуми, за да се преземат искусните кадри од подрачните единици што работеле во Тетово и Гостивар, како стручни лица кои најдобро го познават теренот.
Она што е клучно е дека конкретните забранети и дозволени активности во подрачјето ќе се уредат во Планот за управување, кој се носи во рок од една година од донесувањето на Законот и за кој веќе обезбедивме средства и меѓународни експерти од Меѓународната унија за заштита на природата IUCN, преку Програмата за заштита на природата на Обединетите Нации. Истите веќе работат на терен, со локалното население, со економските субјекти, со цел изнаоѓање на најдоброто решение. Процесот на донесување на Планот за управување, исто така предвидува јавни расправи и ќе биде обезбеден инклузивен и транспарентен за сите засегнати страни.
Ние во министерството за животна средина и просторно планирање веќе обезбедивме 6 милиони денари за првата година од воспоставувањето на Паркот кога тој се уште нема да има свои средства.
Би сакал да напоменам дека во процесот на изработка на овој Закон, ваков како што е прифатен од Собранието, се спроведе широк, повеќемесечен консултативен процес, во кој се користеа сите расположиви алатки и методи за комуникации, со цел да се обезбеди не само висок степен на заштита на природните вредности, туку и да се испочитуваат потребите на засегнатите страни, пред се населението што живее и работи во ова подрачје. Но таа работа не застанува тука, туку продолжува при подготовката на Планот за управување.
Предизвиците што не очекуваат и придобивките што отвараат нови можности за развој ова подрачје се бројни. Со прогласување на Шар Планина за национален парк ќе започне поголема меѓуопштинска соработка, а и развој на Полошкиот регион. Освен локален развој во сите седум општини од Полошкиот регион и Маврово Ростуше, конечно ќе започне и системско зачувување на природните вредности на Шар Планина кои изминативе децении се под постојат притисок од човековите активности.
Националниот парк ќе биде добра основа за креирање на локални брендови за локална храна, угостителски објекти и туристички пакети со што ќе се зголеми продажната моќ на регионот и ќе се поттикне развој на туризмот во сите негови форми. Би сакал да истакнам дека не само што прогласувањето на националниот парк ќе ги помогне и ќе ги зајакне земјоделските активности, туку ќе креира нови можности за одржлив развој.
Се очекуваат бројни проекти со меѓународна поддршка, а со развојот на туризмот се очекуваат и услови за нови вработувања и генерирање на приходи.
Со прогласувањето на Шара за заштитено подрачје се доближивме до европскиот просек со 13.2% вкупна површина на заштитени подрачја. Шар Планина е и идно Натура 2000 подрачје, а на национално ниво со овој чекор ние и ги исполнуваме целите од Конвенција за биолошка разновидност и ги остваруваме и националните цели од Стратегиите за заштита на природа и биолошка разновидност.
Не треба да заборавиме дека националниот парк Шар Планина е последното делче од сложувалката што недостасуваше изминативе десетина години за да се создаде едно од трите прекугранични заштитени подрачја на европско ниво.
Со поврзување на територијата на новиот национален парк Шар Планина со делот на националниот парк „Маврово“, националниот парк „Шари“ од Косово како и паркот на природа „Кораб –Коритник“ од Албанија се добива површина од 244 617 хектари заштитени подрачја кои првенствено се добри за природата и опстанокот на дивите видови, како што е балканскиот рис, балканската дива коза и мечката, но истовремено и за локалното население што живее таму. Значи со заштитата и на нашиот дел од Шар Планина, ние го креираме едното од најголемите заштитени подрачја во Европа. Заедно можеме да ги зачуваме, но и одржливо да ги користиме природните ресруси за да привлекуваме не само регионални туку и меѓународни туристи. Овој потенцијал создава можности за инвестиции и генерирање зелени работни места, како што претходно напоменав.
Изгласувањето на овој закон е првиот чекор со кој тргнуваме во вистинскиот правец, но работата за заштита на природата и обезбедување на социо-економски развој и подобрување на животот на локалното население допрва започнува.
Би сакал да нагласам дека самиот процес беше многу сложен и многупати завршувал во „слепа улица“ . Пресудно за неговото успешно завршување беше тоа што во клучните моменти на изработката на финалниот закон, се потрудивме да ги слушнеме потребите на сите засегнати страни – населението, локалната самоуправа, љубителите на природата, приватниот сектор. На крајот успеавме да најдеме заеднички именител во интерес на природата.
Затоа сакам да упатам благодарност до сите кои дадоа свој придонес во процесот. Пред се благодарност на моите колеги од МЖСПП, кои го дотуркаа овој успех до крајот. Голема благодарност до меѓународните партнери, особено до Канцеларијата за животна средина на ОН (УНЕП) која преку Глобалниот еколошки фонд беше наш поддржувач во сите овие години, пред се во делот на изработка на потребните документи пред носењето на Законот – Студијата за валоризација на природните вредности и Социо-економската студија, но и во подготовката на Планот за управување на идниот национален парк при што се користат искуствата на IUCN. Голема благодарност и до стручната фела на Државниот тетовски универзитет и на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, и сите домашни и странски експерти кои беа активно вклучени во целиот процес. Секако упатувам благодарност и до сите граѓански здруженија и институции што дадоа свој придонес за да стигнеме до тука, и кои во еден момент потпишаа Меморандум за соработка со нашето Министерество со цел да ги здружиме и координираме нашите визии, напори и активности. Од голема помош беше локалното население кое што ги препозна нашите напори за заштита како можност за напредок.
И на крај, сакам да упатам порака до граѓаните – Доколку го посетите националниот парк Шара и уживате во неговите убавини, не заборавајте да се однесувате одговорно кон природата и да ја оставите таква каква што сте ја затекнале!