Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски од Тетово порача дека градоначалниците имаат големи можности за добивање средства преку ова Министерство за реконструкција и градење на нови патишта и апелираше тие да аплицираат за ваков тип проекти.
-Ги повикувам сите градоначалници да аплицираат, имаме повик за ваков тип на проекти и тоа да го искористат. Морам да напоменам дека сум задоволен од реализацијата на овој проект за поврзување со локални патишта, гледам дека градоначалниците се капацитетни и нудат голем број проекти, што е важно и покажува дека се борат за своите граѓани, за своите проекти и за да ги добијат средствата, истакна Бочварски во Тетово каде беше на увид на реконструкцијата на улица „Гоце Делчев“, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се работи на проектот за селото Луковица во Општина Желино, единственио населено место во тетовскиот регион до каде нема асфалтиран пат.
Тој посочи дека со 70 милиони евра се работи на реконструкција и нови патишта во сите општини.
-Примарен фокус на оваа Влада е регионално поврзување преку модернизација и нови патишта но и поради побрз локален развој на општините. Даваме посебен придонес за рехабилитација на локални улици за поквалитетен живот на граѓаните. Нашите заложби за рамномерен регионален развој ги темелиме на принципот на еднаковост и веруваме дека тоа е единствениот начин, рече Бочварски.
извор: МИА





