„Студијата за валоризација за Шар Планина, поддржана од ОН, го трасираше прогласувањето на Шар Планина за национален парк“, пишува во Извештајот за резултатите на ОН за Северна Македонија за 2020 година. Во него се додава дека меѓу останатите достигнувања спаѓаат: ажурирање на националната мапа за ерозија, база на податоци за ризикот од ерозија на почвата, стапка на запечатување на почвата и губење на органските материи во почвата на три пилот места (Струмица, Охрид и Прилеп), како и мапи за шумска вегетација во три пилот области (во Малешево и Огражден), а се потенцира и справувањето со загадувањето на воздухот.
– Преземени се првични чекори за да се даде целисходен одговор на загадувањето на воздухот во Скопје преку развој на модели за субвенции за ранливи категории граѓани, создавање веб-платформа за собирање и визуелизација на податоци од следењето на загадувањето на воздухот, координација на чинителите, и пилотирање на модел на мерки за справување со загадувањето поради загревањето на домаќинствата, се дополнува во Извештајот.
Д. Е.