Во најновиот годишен Извештај за резултатите на ОН за Северна Македонија за 2020 година се проценува дека поголем број деца ги остваруваат своите права и уживаат подобар животен стандард и можности во согласност со Конвенцијата на ОН за правата на детето.
Во него пишува дека континуираната техничка помош на ОН, застапувањето и соработката со партнерите резултирала во заложба на Владата да се зголеми ниската стапка на запишување на деца на возраст од 3 до 6 години во предучилишно образование преку инвестирање во нови детски градинки и пренамена на постоечки јавни згради во центри за образование во раното детство со заем од Светска банка.
– Образованието продолжи навремено за скоро сите 300.000 ученици во Северна Македонија по затворањето на училиштата во март низ целата земја. Со пренамена на платформата за ран детски развој (РДР) што е сѐ уште во развој, за да се овозможи масовна поддршка, собирање и дистрибуција на видео лекции, ОН ја поддржаа национална платформа за учење на далечина (Едуино), со којашто ефикасно се возобнови континуитетот во квалитетното образование за сите 300.000 ученици, се вели во Извештајот.
Во него се додава и дека македонските ученици ги подобриле резултатите за читање, второ највисоко подобрување има за наука и трето за математика, според истражувањата на ОЕЦД.
„Обезбедувањето целосен пристап за децата со попреченост во редовните училишта и предучилишните установи достигна пресвртна точка“, пишува во Извештајот за резултатите на ОН за Северна Македонија за 2020 година, каде се додава дека по долгогодишно застапување и моделирање на инклузивното образование во основните училишта во земјата, во 2019 год. Министерството за образование и наука законски го регулирало затворањето на специјалните основни училишта и започнал процесот на нивна трансформација во ресурсни центри за да се обезбеди дека сите деца се прифатени и поддржани во инклузивна средина во редовното образование.
-Преку програмата за работа во заедницата, вкупно 703 лица со попреченост од кои скоро 400 деца со попреченост добија различни социјални услуги. Беа ангажирани 323 лични и образовни асистенти за поддршка на децата со попреченост да ги извршуваат своите задачи за учење во основните и средните училишта. Оваа пресвртница беше успешно реплицирана и во предучилишните установи, се вели во Извештајот.
Д. Е.