„Позитивен тренд во овозможувањето на граѓаните директно да учествуваат во донесувањето одлуки преку форуми е забележан во 70 од 81 општините“, пишува во годишниот Извештај за резултатите на ОН за Северна Македонија за 2020 година, каде се додава дека македонските институции „поодговорно управуваат“
– Дополнително, се зголемија капацитетите на граѓанското општество за транспарентно финансирање и управување на проекти, вклучително и за брзи проекти поврзани со пандемијата, каде што е вклучена родовата перспектива и правичната застапеност на жените кои традиционално се недоволно застапени во локалната самоуправа, се вели во Извештајот.
Во него се истакнува дека ОН доследно го поддржувале почитувањето на принципите на владеењето на правото од страна на партнерските институции, унапредувајќи ја нивната транспарентност, инклузивност и отчетност.
– На поголем број општини им беше овозможено редовно да објавуваат финансиски податоци, да ги пренесуваат седниците на општински совети во живо, да применуваат систем на интегритет, да вршат законодавна и надзорна улога, и да спроведуваат консултации со засегнатите страни, гласи еден од заклучоците.
Од Обединетите нации, воедно потврдија дека „агендата на Северна Македонија за ЕУ е консолидирана со 60 усогласени закони со законодавството на ЕУ во областите на судски реформи, енергетика, земјоделство, животна средина, трговија и образование“.
Д. Е.