Во врска со измените на Законот за работни односи во делот на пензионирањето со 64 години старост и 15 години стаж, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во Дневникот на Сител ТВ, потенцираше дека исклучок ќе има кај здравствените работници и соработници и вработените во високото образование, каде по претходна оценка ќе биде овозможено продолжување на работниот однос до 67 години. Додека пак жените согласно Законот за пензиско и инвалидско осигурување по лично барање ќе можат да се пензионираат и на 62 години и 15 години стаж.
„Пензискиот фонд е стабилен и во услови на пандемија успеваме да ја гарантираме извесноста на пензиите. Нивната исплата е редовна и се исплаќаат предвреме. Пензионерите двапати во годината го добиваат законското усогласување согласно порастот на трошоците за живот. Во месец јануари имаше пораст за 1.2%, и сега во Јули повторно 1.2% тоа се 300 денари кои пензионерите ќе ги добиваат секој месец, до крајот на годината. Нашата економија постепено ќе закрепнува, со порастот на БДП за кој постојат сериозни анализи дека ќе биде над 4.1%, верувам дека пензиите ќе продолжат да растат“, порача министерката Шахпаска.