Состојбата со Ковид-19 во државата засега останува стабилна. Вчера беа регистрирани 16 оздравени лица, а вакцинирањето се одвива непречено на сите пунктови во државата. Во тек е и пријавување за вакцинирање во домашни услови.
Најмногу активни случаи има во Скопје – 108, а на територија на државата вкупно 300.
Во статистиката на Министерството за здравство за претходното деноноќие вчера беа регистрирани нови десет заболени од Ковид-19, од кои седум во Скопје и по еден во Прилеп, Тетово и Струга, како и две починати лица.
Според податоците на МЗ, досега се дијагностицирани 156 086 Ковид-пациенти, оздравеле 150 295, а починале 5 491 лице.. Досега во земјата се направени вкупно 955.617 тестирања на Ковид-19.
Од ресорното Министерство секојдневно упатуваат апел до граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа е најефикасниот начин да се спречи ширењето на вирусот.
Освен вакцинацијата која се одвива во пунктовите низ државата, истовремено продолжува и теренската вакцинација, и тоа денеска на 31 населено место.
Вакцинацијата, како што соопшти Министерството за здравство, ќе се одвива во населените места:
Тетово – Боговиње, Ново Село, Селца, Кече
Берово – Мачево
Гостивар – Балиндол, Турчане
Свети Николе – Павлешенци, Ѓуѓанци
Струмица – Василево
Неготино – Вешје, Д.Дисан
Пробиштип – Стрмош
Кочани – Грдовци
Кичево – Другово, Србјани, Пополжани, Манистирско Доленци
Битола – Беранци, Д.Српци, Лознани, Вашарејца, Новоелани, Ивањевци, Свето Тодори, Подино, Трновци
Македонски Брод – Брезница, Близанско, Тажево
Велес – Оризари
Вчера почна и пријавувањето за вакцинирање во домашни услови.
Ова важи за граѓаните кои поради здравствени причини не се во можност да дојдат и да примат вакцина против КОВИД на вакциналните пунктови.
Закажувањето е преку директно јавување во здравствените домови, а може да го направат и директно со пријавување на пунктовите за вакцинација, соопшти Министерството за здравство.