Победнички трофеи за нашата ракометна репрезентација до 17 година и за нашата кошаркарска репрезентација до 16 години. Одличните резултати на нашите јуниори и јуниорки влеваат голема надеж и сигурно ќе бидат силен поттик за нови успеси во иднина.


На ЕХФ турнирот за репрезентации до 17 години што се одржа во Клаипеда, Литванија, нашите млади ракометарки го направија она во коешто никој не веруваше. По победата во полуфиналето против Полска (25:22) нашите ракометарки извојуваа победа и во финалето против Исланд (27:26). Со оваа победа нашите кадетки стигнаа до трофејот и со тоа изборија учество на светското првенство за јуниорки што следната година ќе се одржи во Словенија и на Европското јуниорско првенство во 2023 година. Исланд во полуфиналето направи големо изненадување со победата против Шпанија и важеше за голем фаворит во финалето, но младите Македонки се надминаа себеси и со одлична игра стигнаа до победата.
Убав успех и за македонската кошаркарска репрезентација до 16 години којашто триумфираше на ФИБА „Челенџер“ турнирот што се одржа во Тбилиси, Грузија. Македонките со максимални четири победи против Грузија, Ерменија, Албанија и Малта стигнаа до победничкиот трофеј. Во финалето нашите надежи го декласираа домаќинот Грузија со резултат 104-36.
А. Лукароски