Американскиот претседател Џо Бајден синоќа изјави дека САД ќе ги фати одговорните за двата самоубиствени напади во Кабул и ќе платат за тоа.
Американскиот претседател во получасовното обраќање пред Белата куќа најави и продолжување на евакуирачката мисија според планот, до 31 август. „Нема да дозволиме терористите да нѐ запрат“, истакна Бајден. Тој дополни дека и претходно била јасна опасноста на мисијата, поради што и инсистирал на нејзино конкретно временско ограничување.
На прашањето дали е грешка што обезбедувањето на аеродромот во Кабул им е препуштено на талибанците и што со нив воопшто се преговара, Бајден истакна дека ним не може да им се верува, но смета дека талибанците имаат итерес од соработка со меѓународната заедница, оттаму верува дека тие ќе помогнат при евакуацијата на американски граѓани и локални авганистански соработници и по повлекувањето на американските војници. Истовремено, целосно невозможно е од земјата да се изнесат сите кои имаат таква желба, предупреди Бајден.
Во неколку експлозии кај аеродромот во Кабул, од кои дел се сметаат за самоубиствени напади, вчера загинаа 13 американски војници, најмалку 72 цивили, а според наводи од талибанците, и 28 нивни припадници.
Извор: Дојче веле