Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, одговорно тврди дека ниту еден од претставниците на оваа власт не учествувал во донесување на одлуките поврзани со еден од најкриминалните проекти не само во државата, туку и во Европа, реагираат денеска од Општината, по наводите на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалничка, Наташа Котлар, дека и СДСМ има придонес во реализацијата на „Скопје 2014“.
„Очигледно за проектот ’Скопје 2014’ кој, освен урбанистички, беше културолошки и идеолошки проект на Никола Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ, некој, свесно или несвесно, ја довел кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник во голема заблуда. Како пример за госпоѓата Котлар, која очигледно не е до крај запознаена со проектот, Законот за урбанистичко планирање, кој е донесен во 2005 година е менуван 10 пати од 2006 до 2014 година, период кога ВМРО-ДПМНЕ ја има централната власт. Подоцна е донесен нов Закон за просторно и урбанистичко планирање, кој во периодот од 2014 до 2016 е изменет шест пати, со цел да му удоволи на озлогласениот проект. Потоа, ДУП ’Мал ринг’, каде што е сконцентриран најголемиот дел од ’Скопје 2014’ е менуван девет пати, во периодот од 2006 до 2012 година, а само во 2012 година е изменет три пати.“, се наведува во пишаната изјава на Богдановиќ.
Тој во изјавата посочува и дека ВМРО-ДПМНЕ треба да се подготви за уште еден пораз на претстојните локални избори.
„Беспредметни и, пред сѐ, лажни се тврдењата на професорката Котлар за тоа кој и како го носел проектот ’Скопје 2014’. Граѓаните, особено жителите на Центар, паметат и се сеќаваат на криминалите на минатата власт. Токму затоа, на претстојните локални избори, и госпоѓата Котлар и партијата што ја поддржува, ВМРО-ДПМНЕ, треба да се подготват за уште еден голем пораз на коруптивните и криминални политики што тие ги застапуваат“, оценува Богдановиќ.
Извор: З60 степени