Транспарентност секогаш може повеќе и треба повеќе. Јавноста е секогаш заинтересирана за работата на институциите и затоа направивме и владин план за борба против корупцијата и имаме и вицепремиер за борба против корупцијата, изјави денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, пред почетокото на конференцијата за „Напредокот во борбата против организираниот криминал и корупцијата во контекст на планот на Владата за борба против корупцијата“, во организација на коалицијата „Сите за правично судење“.
Јавното обвинителство, Државата комисија за спречување на корупција и останатите институции, посочи Маричиќ, комуницираат со него како министер за правда, само онолку колку што е потребно и колку што законот и поделбата на власта го дозволуваат.
– Имаме редовна комуникација во однос на стратешките политики, како стратегија за човечки ресурси, преговори за буџет на годишно ниво, потреби и оние неопходно работи поврзани и со нови вработувања и просторните услови, изјави Маричиќ.
Во однос на политиките и на законите, посочи Маричиќ, овие институции се редовно вклучени во работните групи на Министерството за правда.
Обвинителството за организиран криминал, посочи Маричиќ, е клучно во тој ланец на борба против корупцијата, затоа што без нивен ангажман не може случајот да дојде пред суд, ниту пак да биде завршен.
– Очекуваме и ова обвинителство и сите други делови и ниво во обвинителството да работат брзо, ефикасно и траснпарентно, затоа што тоа е во интерес на граѓаните, а тие се јавна институција, изјави Маричичќ.
извор: МИА