Кандидатот за канцелар на левоцентристичките социјалдемократи на денешните парламентарни избори во Германија, Олаф Шолц ги поздрави резултатите на неговата партија како „голем успех“, откако првичните прогнози покажаа дека неговата СПД има мало водство пред конзервативците, пренесува МИА.
– Ова ќе биде долга изборна ноќ, тоа е сигурно. Но, исто така, е сигурно дека многу граѓани ја избраа СПД бидејќи сакаат промена на власта, и сакаат следниот канцелар да се вика Олаф Шолц, истакна тој пред своите поддржувачи.
Армин Лашет, пак, кандидатот на ЦДУ/ЦСУ за иден германски канцелар, вечерва изјави дека се води тесна борба во изборната ноќ, но порача дека унионистите сакаат да ја водат новата влада.
На почетокот на своето обраќање во изборниот штаб, тој нагласи дека првпат по 16 години Ангела Меркел не се кандидирала за канцелар, па затоа тие влегле во изборната трка без „бонус“.
– Знаевме дека ќе биде тешко и дека ќе имаме тесна борба во изборната ноќ. Се уште немаме конечни резултати. Но, треба да кажеме дека не можеме да бидеме задоволни со резултатот, констатира Лашет.
Тој истакна дека во секој случај, исходот од гласањето ја става Германија, но и ЦДУ/ЦСУ, како и сите демократски партии, пред голем предизвик, бидејќи е неопходно да се постават насоки за наредните години.
– Тоа не може да го направи само една партија, треба да ги надминеме сите поделби и да соработуваме. Првпат ќе имаме тројна влада, нагласи Лашет.
Тој рече дека ЦДУ/ЦСУ добила глас од своите избирачи, владата да биде преведена од таа партија.
– Затоа ќе сториме се за да формираме влада предводена од ЦДУ/ЦСУ, бидејќи на Германија и е потребна коалиција на иднината, која ќе ја модернизира земјата, нагласи Лашет.
Тесниот резултат на изборите покажува дека претстојат долги преговори за новата влада и дека е неизвесно кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел.
Дури утре навечер, властите ќе можат да ги објават официјалните прелиминарни резултати од изборите. Оваа година, поради пандемијата на Ковид-19, беше овозможно да се гласа и по пошта.
Утврдувањето на официјалните конечни резултати почнува од утре и трае повеќе од две недели.
Ј. Ѓ.