Според статистиките од Државната изборна комисија, бројот на кандидатки за градоначалнички на претстојните локални избори е уште помал од минатите. Од 301 кандидат за градоначалничко место, само 25 се жени, додека застапеноста на жените во советничките листи е видно поголема од таа за градоначалнички места, информира ЦИВИЛ.
Родовиот дисбаланс кај политичките партии е особено видлив за време на изборните процеси, односно во големата разлика на родова застапеност на повисоки позиции на државно политичко ниво. Оваа крајно нееднаква застапеност на жените и мажите на политичката сцена, уште повеќе се забележува кај кандидатите за градоначалници на Локалните избори 2021.
На кандидатската листа за градоначалници на СДСМ за овие избори, од вкупно 69 кандидати, само 5 се жени. Кај ВМРО-ДПМНЕ, од вкупно 63 кандидати, само 3 се жени, кај ДУИ од вкупно 19 кандидати, само една е жена, а ниту една жена не е застапена во листите на коалицијата Алијанса за Албанците/Алтернатива и кај Беса. Кај Левица од вкупно 8 кандидати, 2 се жени, а кај Движењето „Одлучно за промени“ – ЛДП и ДОМ, од 18 кандидати за градоначалници пет се жени. Од вкупно 14 кандидати на листата на ДПА, има само една жена.
Оваа родова нееднаквост особено се забележува во медиумскиот етер, односно, на дебатите помеѓу изборните кандидати, организирани од ТВ куќите.