Лажен профил е отворен со името и фотографии од првата дама Елизабета Ѓоргиевска. Профилот е на социјалната мрежа „Фејсбук“ и е отворен пред 17 часа и е искористено презимето од претседателот Стево Пендаровски, па е именуван како „Елизабета Пендаровска“, а користени се и нивни заеднички фотографии, споделувани се објави од официјалната страница на претседателот, информира ЦИВИЛ.
Првата дама Елизабета Ѓоргиевска случајот го пријави во Фејсбук и во Секторот за компјутерски криминал при МВР.
Последната објава на лажниот профил е насловена како „донации“. Преку неа, се повикуваат сите кои го следат профилот да напишат нивно име и презиме, за потоа 100 лица да добијат по 5.000 евра. Под оваа објава има над 1.800 коментари, како и над 800 споделувања.
ЦИВИЛ ги повикува граѓанките и граѓаните да не подлегнуваат на вакви лажни профили и да внимаваат да не оставаат лични податоци. Исто така ЦИВИЛ бара од надлежните институции веднаш да реагираат да го затворат профилот и да ги санкционираат тие што го креираа лажниот профил.