Еден од најпознатите македонски автори, продуценти на електронска музика и културни работници, Мирко Попов, ја изрази својата поддршка за градоначалникот Петре Шилегов. Во своето обраќање на големиот собир на Социјалдемократскиот сојуз, во салата Борис Трајковски во Скопје, Попов се осврна на различните искуства со властите од позиција на алтернативен и прогресивен уметник, но и предводник на културните движења во земјата во својата кариера.
„Како професионалец, веќе 30 години сум дел од создавањето на оригиналната македонска современа култура. Господинот Шилегов е еден од ретките кои има слух, трпение и доблест да разговара со луѓето, односно културните работници кои се, за жал, дел од периферијата и маргините ова општество“, рече тој, додавајќи дека и како граѓанин и како скопјанец, будно ја следи работата на градоначалниците на својот град.
„Петре Шилегов е можеби првиот кој навистина се занимава со градските прашања и ги решава градските проблеми, обичните проблеми на обичните граѓани. Тој е прв кој почна да ги поправа и да гради поголеми улици од другата страна на Вардар, што е многу важно за мене, бидејќи Скопје е и од двете страни на Вардар, и од двете страни треба да биде убав, добар и функционален град за граѓаните.“
Тој истакна и дека фокусот на актуелниот градоначалник на решавањето на градските проблеми предизвикал тој да заборави на политикантството, што можеби и му се „удрило од глава“.
„За мене Шилегов е вистинскиот градоначалник и оној кој ќе се бави со проблемите на обичните луѓе, ќе го подигне квалитетот на живеење на обичните луѓе во обични ситуации. Тој го правеше тоа и му посакувам да продолжи да го прави“, порача Попов.