Триесеттина дела акрил на платно, слики, фотографии и документи од сите творечки фази на уметничката ја чинат самостојната изложба „Retroactive retrospektive“ на Дороти Пачкова, што од 29 октомври ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Ретроактивната, а не само ретроспективна изложба на Дороти Пачкова е резултат на нејзината внатрешна нужност да ја преобликува стварноста, да дејствува со повратна сила, па така наместо само да прераскаже и да се врати во минатото, во настаните што некогаш се случиле, таа длабоко понира во сопствените длабочини и ни открива еден нов момент во кој ги спојува сите нејзини напори да го визуелизира својот став во однос на наметнатите улоги утврдени по пол што ни ги пласира угнетувачкото општество. Во нејзините експресивни апстрактни дела се чувствува нејзината женственост што толку силно ја манифестира, но истовремено ја афирмира на еден сосем поинаков начин. Тоа не е женственост што неизбежно е суптилна, мека и нежна, туку е женственост која експлодира од страст и болка, женственост што создава движечка енергија и што побудува не само силни емоции, туку повикува на изразување на сопствен став.