Државната изборна комисија вчеравечер ги соопшти првичните неофицијални резултати од вториот круг од локалните избори според кои Скопје и 43 општини во земјава добија градоначалници. Конечните резултати, како што најави претседателот на ДИК Александар Даштески, ќе бидат објавени денеска.
Согласно објавените првични податоци ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во вториот круг од Локалните избори освоија градоначалнички места во 20 општини и тоа во Битола, Брвеница, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Македонски Брод, Ново Село, Пехчево, Охрид, Ранковце, Ресен, Чешиново-Облешево и Радовиш.
Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ предводена од СДСМ освои градоначалнички места во седум општини – Демир Капија, Пробиштип, Росоман, Старо Нагоричане, Чашка, Чучер Сандево и Центар. Седум градоначалнички места во вториот круг освои и ДУИ и тоа во Арачиново, Боговиње, Долнени, Кичево, Струга, Теарце и Чаир.
Алијанса за Албанците и Алтернатива има градоначалници во Врапчиште и Гостивар, а БЕСА во Желино и Тетово.
ГРОМ има нов градоначалник во Карпош, ДПА во Студеничани, а коалицијата на ЛДП и ДОМ освои градоначалничко место во Шуто Оризари./МИА/.