Корсетот денес повторно е популарно парче облека што го носат девојките ширум светот. За неговата слава придонесоа голем број познати дами, но тоа има прилично контроверзна историја…
Пред извесно време, компанијата „Етси“ објави дека претрагата по поимот „корсет“ на интернет се зголемила повеќе од двојно, благодарение на популарноста на серијата „Бриџертон“. Имено, приказната се заснова на романите на Џулија Квин и раскажува за животот на лондонската елита во 19. век. На гледачите особено им се допадна модата што била популарна во тоа време, иако, носењето корсети и слична облека има свои тешкотии и денес – за глумците во нивната работа.
Корсетот потоа го прославија и бројни холивудски ѕвезди, но сепак, првичната цел на корсетот не била жените да се чувствуваат удобно во него и причината не била модата…
Според Музејот за ликовни уметности во Сан Франциско, корсетите во Европа почнале да се носат 1400-тите, биле направени од коска од кит, и се врзувале напред или позади. Намената била – промена на обликот на женското тело, „правилно држење“ и тесен струк.
Под овие околности, корсетите сигурно не биле модна појава, туку алатка со којашто жената требало да се претвор во „песочен часовник“, што очигледно, тогаш било признак на женска убавина.
Во анализата објавена на страната на Кралскиот колеџ за хирурзи на Англија се наведува дека девојчињата и жените паѓале во несвест со векови поради стегнатите корсети. Долготрајното врзување предизвикувало и деформитети на ребрата и губење на мускулното ткиво.
извор: МИА