Ако даде Господ, бидејќи сега се е во неговите раце, ќе ја истера и следната година.
Не исклучувам дека и крајот на десетилетието ќе го дочека немртва.
Но, тоа се технички детали.
Битни се три други работи: Прво, дека во меѓувреме ќе умира интензивно, второ, дека Македонија ја потроши внатрешната смисла и причината за своето постоење, ја трошеше подолго време, но на локалните избори објави дека светот треба да се подготви за постмакедонскиот период, изместен е дури и геополитичкиот резон, тоа што беше во историјата, во филозофијата, во културата, во верата или во образованието и во економијата, во моралот и во вистината, во меѓучовечките релации, тоа што лебдеше во воздухот, е тотално ослободено или уништено и деформирано, во своите релации со заедницата односно заедницата се има самата ослободено од тие критериуми и стандарди на заедничкиот живот, и, трето, по долги години натчовечки напори слободно може да се каже дека луѓето се тотално исплакнати од можноста да се занимаваат со политика односно да функционираат како заедница, и како граѓани и како гласачи и како политичари, потрошена е општествената супстанца, испокинати се синапсите на нацијата, загубена и е моќта да просудува рационално макар и еден потег нанапред, одземена и е деловната способност.
Во меѓувреме, созреваат новите генерации кои Македонија ја разбираат само преку шиптаромрзителството и антиевропејството, така се одгледани, така се воспитани дома. Омега три масните киселини на омразата ги примаат со мајчиното млеко. Нема инстанца која може да ги оправи. Обратно, сите инстанци, политички, партиски и медиумски ги стимулираат и секоја секунда им фрлаат по некој допинг.
Нуту еден приближно нормален човек нема да остане врзан за Македонија на стариот начин исполнет љубов, грижа, страст, понекогаш и страв, тоа ниво на самоидентификација е завршена приказна. Со Македонија ќе останат да се занимаваат само најдолните простаци и глупаци и тоа како нова политичка класа и тајкуните и бизнисмените кои ќе гледаат во агонијата што ќе ја намирисаат да загубат што е можно помалку односно да лапнат од тоа што е останато за лапање што е можно повеќе.
Потрошена е можноста да се води политика.
Крај.
Партиската битка и демократијата воопшто, беа медиум низ кој под површината односно под појавноста на работите се одвиваше оваа трагедија. Луѓето се определија за едната или за другата екипа и одбија да поверуваат дека скокајки така на палубата ќе го потонат бродот.
Поразот на граѓанскоста и на македонскоста во разумна смисла, ќе води во натамошни раслојувања, пред се на етничка и верска основа.
Светот ќе се јави со некакви свои интереси и притисоци, но нема да има со кого да разговара.
Демократијата во присуство на вмро- дпмне е можна само како инструмент за растурање на државата. Нацијата се определи за комоцијата, а не против смртта.
Власт, макар и општинска, да им дадеш на луѓе и партија кои само пред пет години те масакрираа е сигурен знак дека општеството и нацијата се мртви, а државата е во напреднат стадиум на одумирање
Тоа се темите.
Не сум сигурен колку вреди за нив да се разговара.
Мислам дека е малку доцничко.
Темата за сдсм како поразена страна и за вмро како победник е дисциплина која не се игра на македонската олимпијада. Луѓето се занимаваат со тие работи како инерција и во потрага по алиби за своите срања. СДСМ да направел анализа на изборите и да открие кај згрешил. СДСМ и Заев кај згрешиле, не дудуците кои ги повикуваат. Никаде не згрешиле, воделе перфектна политика. Нема што да се поправа.
Заев е поразен не затоа што грешел, туку затоа што бил перфектен, нов, модерен. Тоа е. Вмро-дпмне водела фантастична кампања. Ма каква кампања, каква фантастичност. Какви се ова глупости. СДСМ ја заврши својата историска мисија со модернистичката проевропска политика на Заев. Го убија како што оние инсталации на српскиот национализам го убија Ѓинѓиќ. Разликата е во тоа што Заев го убија неговите. Се движиме и кон крајот на вмро. Малку доцни таа смрт, но мислам дека многу бргу ќе настапи.
Во вакви услови, новиот премиер треба да е голем посветеник и ентузијаст или голема будала.
Или некој практичен тип кој ќе се нафати на функцијата да дрпне некој милион и да ви мавне од јахтата во Капо Верде.
А за Македонците предлагам мал музеј, не оној вморонскиот, на смртта, туку мал музеј на восочни фигури, некаков балкански Тисо, кај што младите европјани што ќе доаѓаат тука на пропатување, ики д градат викендици за богатите пензионери, ќе можат да видат како изгледале тие топли, меки, добри луѓе, пред да побудалат и да се усмртат.
Без причини.