Поранешниот потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз и актуелен генерален секретар на Владата, Мухамед Зекири, вели дека и покрај настојувањата на коалициските партнери, Зоран Заев тешко ќе ја преиспита одлуката да поднесе оставка на премиерската функција.
Во изјава за косовската агенција Косова прес, Зекири вели дека сѐ се очекува да се разјасни во следните денови, кога Заев ќе ја предаде оставката во Собранието.
Според Зекири, не само партнерите од коалицијата, туку и „пријатели од меѓународната заедница“ се обидуваат да го убедат Заев да ја повлече оставката. Но, Зекири вели дека Заев е разочаран од резултатот од локалните избори и од неотворањето на преговорите за членство на земјава во Европската унија.
„Ќе биде тешко да се убеди, бидејќи е разочаран од исходот на изборите, но и од неколкугодишниот процес на напори за отворање преговори со ЕУ. Македонија ги исполнува сите услови, ја направи промената на името, но тогаш се појави Бугарија како пречка и она што го направи ЕУ не ги рефлектираше сите оние храбри одлуки кои ги донесе Заев во надворешната политика. Сево ова имало и има влијание врз неговата личност и ќе биде тешко за секого да го убеди, иако барањата се упорни, и во партијата и од коалициските партнери“, вели Зекири.
извор: слободенпечат.мк