САШО ОРДАНОСКИ
Што и да се случи утре, во четврток, со изгласувањето недоверба на сегашната Влада, сегашната динамика во македонската политика ги става албанските партии во фокусот на односите во сферата на македонскиот национализам: местимично-поумерениот, на ВМРО-ДПМНЕ, и екстермниот, на Левица, невешто скриен во обландите за наводната „класна борба“. Во време на пост-идеологии и концепти за „Едно општество за сите“, маргиналната позиција на радикалната Левица, очигледно, успева да ги доведе сите потенцијални сојузници за рушењето на власта во тешка дилема: ако само „голото“ освојување на власта не е цел сама по себе, што би била тогаш суштината за мултиетнички политички коалиции во Македонија?
Во таков контекст, Алијансата за Албанците, Алтернатива и СДСМ излегоа како најтешки губитници на локалните избори. Причините се различни…
За СДСМ е јасно дека изгуби многу гласови заради слабите резултати во владеењето на локално ниво, а на „рабушот“ на националните потфрлања во власта, меѓу другото, е и незадоволството на нивните (потенцијални) гласачи заради коалицијата на СДСМ со ДУИ. Тие односи многумина ги доживуваа(т) како постизборно математичко „нужно зло“ – но, проблемот е и „надграден“, бидејќи на ДУИ сѐ што ќе посака (од кадри, до портфолија и политики) кај Заев ѝ поминува како што тап нож сече низ младо сирење.
Кога власта ДУИ десетина години ја делеше со ВМРО-ДПМНЕ, Груевски таа „политичка реалност“ јасно ја преточуваше во градење поделено општество, во кое за сѐ имаше етнички квоти и клучеви: од обостраниот национализам и договореното учество во меѓуетничките инциденти, до поделбата на пленот за крадење. Државата дојде на работ од бездната, а ДУИ, како што е познато, нема ни една посериозна правна компликација од тој погубен проект, иако половина од раководството на ВМРО заврши во бегство или зад решетки.
Во постизборната „политичка реалност“ по 2016, ДУИ продолжи да седи во власта, испорачувајќи политичка и меѓуетничка стабилност во „едното општество за сите“, за сметка на речиси истите кадри и истата „квота“ во учеството во сивите зони на македонското економско и политичко, корумпирано секојдневие. Успеа политички да го преживее и „ударот“ што им го нанесе СДСМ со привлекување етнички албански гласови на своето програмско конто на граѓанска поддршка, за во новиот турнус од седење во власта ДУИ да се стабилизира, а СДСМ фатално да заслаби. Продолжувањето на тие односи во власта, доколку оваа Влада опстане, ќе оди само дополнително во таа насока, па макар и по две години, на редовните избори: СДСМ, ако ништо не промени, по сопствена заслуга (но, и не само заради ДУИ), ќе изгуби уште повеќе, а ДУИ ќе стане уште понеизбежен фактор за создавање на која било следна власт.
Што нѐ води до однесувањето и неуспехот, пред сѐ, на опозициската Алијанса за Албанците: тие не успеваат во „базенот“ на своето потенцијално гласачко тело да се промовираат како кредибилна, победничка алтернатива за ДУИ, но не само затоа што Али Ахмети е пословично „валкан противник“ од позициите што секоја власт ги носи како потенцијална „придобивка“ (гласачки клиентелизам, разни злоупотреби, груби притисоци, пазарења и корупции), туку и заради неснаоѓања на важни политички теми. Тие (и нивните поддржувачи) гласно ги критикуваат СДСМ и Заев (?!) што не им помага во рушењето на власта, иако имаа покана, пред да ја добие БЕСА, токму заради балансот што СДСМ требаше да го постигне во власта наспроти ДУИ, да се придружат во пост-груевистичкиот период во државата. Села гадливо одби, а Касами и БЕСА, од политичката маргина, токму заради коалицијата со СДСМ, израснаа во многу позначаен политички фактор од она што беа до пред некоја година.
Очајот на Алијанса да коалицира со Левица во рушењето на ДУИ (и СДСМ) од власт – а, притоа, најверојатно и да не успеат во таа намера – може да им донесе уште полоши резултати во догледна иднина и, наместо да го ослабат, да го засилат изборниот рејтинг на ДУИ. Не може харизмата на д-р Таравари да е компензација за збунетоста на Алијанса и на Села; може само да го „потрошат“ и самиот Таравари, доколку нешто сериозно и тие не променат во сопствените политики.
Па, Али Ахмети деновиве ги „преслуша“ и Мицкоски и Заев во собраниските кабинети, јасно ставајќи до знаење дека тој со својата партија е „кингмејкерот“, столбот околу кој ќе опстојува или ќе се менува власта во Македонија. Тоа е реалноста, другото се прикаски за зачадените чајџилници, за политичките биртии и за фриволните фејсбук препукувања и навреди.
Што, во еден елиптичен потег, нѐ враќа до насловот на овој текст: парадоксално, Апасиев го зацврстува расклатениот СДСМ (и Заев), а го разнишува осилениот Мицкоски (и ВМРО-ДПМНЕ), бидејќи со своето антиалбанство и низа други налудничави програмски идеи ги „троши“ потенцијалните албански коалициски партнери, како што мразот се топи на пролетно сонце, до степен на нивно политичко самоубиство. Без албански партиски партнери ВМРО-ДПМНЕ не може „математички прецизно“ да ја реши равенката за составување свое, стабилно владејачко мнозинство.
Всушност, ако не успеат со сопствената избрзана, по малку и аматерски ентузијастичка иницијатива во четврток да ја соборат власта, тогаш иницијативата се враќа кај Заев кој ќе има избор да повлече потези – компликувани, тешки, непопуларни, а можеби и само привремени – што може битно да се разликуваат од тоа како до сега се спроведуваше власта во земјава. Макар и понатаму со „ѓулето“ на ДУИ закачено со дебел синџир за десната (владејачка) нога.
Дали ваквиот расплет неопходно би водел до нови предвремени избори? И да и не – зависи од натамошните потези на Заев и што од тоа ќе му го дозволи ДУИ. Кога вака ќе се постави равенката… Предвремените избори навистина делуваат изгледно. На кои главната битка најверојатно ќе се бие меѓу Мицкоски и Апасиев…
Македонија, тајмлес.