Владата денеска го утврди и текстот на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за основното образование, со цел, меѓу другото, да се подобри квалитетот на инклузивното образование преку допрецизирање на постапката за вработувањето на образовните асистенти, како и можноста да им се трансформира работниот однос од определено на неопределено време.
Со предложените измени се пропишува и полагање на стручен испит на воспитувачи во основните училишта, што исто така ќе придонесе за подобрување на квалитетот на нивната работа, како и кариерно напредување на административните службеници во основните училишта.
На оваа своја седница Владата ја дополни Уредбата за видот на активности, максималниот износ по активности, корисниците, субјектите кои учествуваат во постапката, поблиските критериуми и начинот за доделување на техничката поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Со дополнувањата на оваа уредба сега и физичките лица регистрирани како производители на вина се стекнуваат со право на користење на мерката за финансиска поддршка за освоени награди за вино на меѓународни и регионални натпревари, како дел од политиките за поддршка на малите и индивидуалните винарии.




