Начелно верувам дека органите на партијата ќе одлучат Алтернатива да биде дел од Владата, изјави за „Слободен печат“ Скендер Реџепи, пратеник и член на претседателството на Алтернатива. Во исчекување на средбата помеѓу лидеот на Алтернатива Африм Гаши и премиерот Зоран Заев за можен влез на Алтернатива во Владата, Реџепи вели дека очекувањата во партијата се дека предност ќе дадат на евроинтеграциските процеси на земјава и на програмските ветувања до граѓаните.
„Начелно верувам дека Алтернатива ќе биде дел од Владата. Разликите во партијата се истопија и очекувам органите на партијата да донесат одлука за влез во Владата, но сепак ќе почекаме до конечната одлука. Интеграцијата на земјава во ЕУ е приоритет пред уривањето на Владата. Верувам дека предност ќе дадеме на евроинтеграциските процеси, како и на остварувањето на програмата на Алтернатива која им ја вети на граѓаните и на нашите избирачи – изјави за „Слободен печат„ Реџепи.
Тој вели дека досега немало понуда за министерски позиции. Очекува сликата да биде појасна по средбата помеѓу Заев и Гаши која треба да се случи деновиве. Реџепи му одговори и на генералниот секретар на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, кој во гостување на телевизијата Шења рече дека Алтернатива и да влезе во власта, ако опозицијата создаде парламентарно мнозинство од 61 пратеник партијата на Гаши ќе гласа за уривање на Владата.
Извор: Слободен печат