Бугарскиот претседател Румен Радев изрази сочувство до претседателот Стево Пендаровски за тешката сообраќајна несреќа на автопатот Струма, во која автобус регистриран во Република Северна Македонија доживеа сообраќајна несреќа при што загинаа 46 лица.
– Во име на бугарскиот народ и во свое име, претседателот Румен Радев изрази искрено сочувство до семејствата и роднините на загинатите граѓани на Република Северна Македонија, како и надеж за брзо закрепнување на жртвите од катастрофата. Во ова тешко време, Бугарија и Република Северна Македонија делат заедничка тага, солидарност и емпатија. Десетиците изгубени животи се непростлива загуба за нашите братски земји, наведува Румен Радев.
Шефот на бугарската држава ги повика одговорните институции да ги утврдат причините кои довеле до тешката сообраќајна несреќа, како и да им дадат навремена поддршка на преживеаните во несреќата.
Лидерот на ГЕРБ Бојко Борисов му изразил сочувство на премиерот Зоран Заев по повод тешката сообраќајна несреќа во која 46 луѓе ги загубија животите.
– Телефонски разговарав со премиерот на Република Северна Македонија Зоран Заев. Изразив сочувство за загинатите граѓани на неговата земја во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“, напиша на Фејсбук Борисов.
Тој изрази уверување дека надлежните институции ќе ги утврдат причините за несреќата.
Борисов исто така го уверил Заев дека настраданите кои се хоспитализирани во болницата „Пирогов“ во Софија ќе ја добијат најквалитетната медицинска нега.