Во следните три години Самсунг планира да изгради фабрика за полупроводници од 17 милијарди долари во близина на Остин, Тексас како дел од напорите да го зголеми производствениот капацитет и да го ублажи глобалниот недостиг на чипови.
Јужнокорејскиот технолошки гигант најави изградба на фабрика со вкупна површина од 5,0 милиони квадратни метри, со цел да го зголеми производството на најсовремените логички полупроводници, кои се користат во телефоните и компјутерите. Самсунг очекува градежните работи да започнат во првата половина на 2022 година и се надеваат дека фабриката ќе биде оперативна до втората половина на 2024 година. Вкупната проектирана инвестиција од 17 милијарди долари ќе биде најголемата што Самсунг досега ја има направено во САД. Оваа сума вклучува згради, машини и опрема. Самсунг почна со бизниси во САД во 1978 година, каде што вработува повеќе од 20.000 луѓе ширум земјата. Со најновата инвестиција, вкупните инвестиции на Самсунг во таа земја ќе надминат 47 милијарди долари, соопштија од компанијата.
извор: МИА