На средбата министерот го информираше раководството на синдикатот за предлог буџетот на министерството за 2022 година и го потенцираше планираното зголемување на платите за 5% за вработените во министерството. Исто така, министерот го потенцираше досегашното реновирање на 63 полициски објекти и планот следната година да се реновираат други полициски станици, како и почетокот на градба на ПС Аеродром, реконструкција на Центарот за обука во Идризово и реконструкција ан Одделот за граѓански работи.
При реконструкциите е посебно запазена и еколошката и штедлива компонента на користење на енергетски ефикасни материјали, така што веќе ниту еден објект на МВР од следната година нема да користи цврсти горива за затоплување, а генерирана е и заштеда само на електрична енергија од пет милиони денари. Министерот Спасовски го информираше раководството на синдикатот за поделбата на новите униформи за повеќе оддели во МВР, како и за опремата (кондури, чизми, јакни и др.) која се очекува да стигне и да биде поделена до јануари 2022.
Претседателот на Македонски полициски синдикат, Марјан Кицев се заблагодари за соработката на министерството со синдикатот, посветеноста кон унапредување на работните, материјално техничките и оперативни услови за полициските службеници.
Министерот Спасовски и претседателот Кицев разговараа и за други теми важни за полициските службеници, како условите од колективниот договор и листата на плати, решавање на проблемот со дневниците на полициските службеници настанат од Законот за извршување на буџетот и се сложија за најбрзо можно решавање на овие тековни проблеми.
 
			

 




 
 
