За време на последната епизода од подкастот на Дакс Шепард „Armchair Expert“, Купер (46) зборувал за инцидентот што се случил во метрото, во 2019. година, кога отишол на училиште да ја земе својата ќерка Леа, која сега има четири години.
„Постојано шетав низ Њујорк со (слушалки) во ушите, ова беше пред пандемијата. Бев во метрото, во 11:45 часот, да ја земам Леа во центарот на градот во руско училиште и ме нападнаа со нож“, изјавил Купер.
„Беше прилично лудо. Но сфатив дека премногу се опуштив во градот. Не бев внимателен”, додал актерот.
Купер се присетил дека неговите сетила биле „отапени“ затоа што покрај слушалките носел и очила за сонце и капа за да биде „инкогнито“.
„Јас сум на самиот крај од метрото, природно одев до крај, и почувствував како некој се приближува. Помислив – сакаат да се фотографираат или нешто слично”, рекол Купер.
„Се свртев, погледнав надолу и видов нож“, додал актерот објаснувајќи дека ножот бил долг околу 6,5 сантиметри и имал дрвена рачка.
„Се сеќавам дека мислев, ох, тоа е убав нож“, рекол тој.
Кога Купер погледнал во очите на напаѓачот, тој се изненадил колку е млад. Иако знаел дека можеби не е паметно да се обиде да избега, Купер го направил токму тоа.
„Почнав да трчам. Ја прескокнав … пречката, се скрив околу белиот, асфалтиран влез во метрото, го извадив мојот телефон. Тој прескокна, побегна а јас го фотографирав”, објаснил Купер.
Актерот потоа почнал да го брка младичот по скалите, а потоа низ 7-та авенија и успеал да го фотографира уште два пати.
Налетав на двајца полицајци, им покажав фотографија и додека разговарав со нив – беше интересно, еден постојано ме прашуваше „Дали си прободен?“ Реков: ‘Не’, а тој ме советуваше да проверам“, вели Купер.
Тогаш актерот дознал дека жртвите на грабежот често биле толку шокирани што дури подоцна сфатиле дека се повредени. За среќа, Купер бил добро, бил само потресен.
„Беше лудо, брат“, рекол тој.