Европското законодавство за животна средина е на добро ниво транспонирано во националната легислатива во земјава, што овозможува негово спроведување, но тоа сепак е на почетно ниво речиси во сите области, што е резултат пред се на слабите административни капацитети и недостигот на финансиски средства, како и на начинот на управување со овој сектор, се заклучува во Извештајот во сенка на граѓанските организации за Поглавјето 27 од преговорите за членство – Животна средина и климатски промени.
Според Извештајот, законодавството е добро разгрането, покриени се сите области и како такво претставува добро основа за негово спроведување, но финансирањето на животната средина е на минимум, дури може да се каже дека некои сектори, како природата речиси не се финансираат. Ова е, како што се заклучи на презентацијата на Извештајот, една од причините што значително влијае на нивото на спроведување на законодавството. Административните капацитети се недоволни, особено на локално ниво. Исто така, ова се однесува и на инспекцискиот надзор, особено на инспекцискиот надзор на локално ниво.
– Интегрирањето на политиката за животна средина во останатите политики е се уште на почетно ниво, при што како граѓански организации заклучивме дека Министерството како такво не може само да го направи без поддршка од другите сектори – енергетка, транспорт, урбан развој и така натаму и дека тоа мора да биде препознаено како приоритет на самата Влада, наведоа претставниците на граѓанските организирации кои учествувале во изготвувањето на Извештајот.
Целта на извештајот во сенка е да ја претстави оценката на граѓанските организации за статусот на приближување на законодавството на ЕУ за животна средина и климатски промени во Северна Македонија. Приближувањето го вклучува статусот на усогласување и спроведување на правото на ЕУ за животната средина, како и административните капацитети на национално и локално ниво.
Извештајот ги сумира заклучоците од извештаите за следните области од Поглавјето 27: хоризонтално законодавство, воздух, води, управување со отпад, индустриско загадување и управување со ризик, заштита на природата и климатски промени.
Извештајот е изработен во рамките на проектот „Граѓанска платформа за следење на преговорите со ЕУ за поглавје 27“, имплементиран од ГО Центар за климатски промени и финансиран преку програмата Цивика Мобилитас, со главна цел да обезбеди меѓусебна комуникација помеѓу граѓанските организации и надлежните органи и да ги следи преговорите со ЕУ за Поглавјето 27 – животна средина и климатски промени.
– Ова е навистина тешко поглавје за да се остварат сите барања и поради тоа не можеме да очекуваме лесни и брзи решенија. Поглавјето има многу предизвици. Тоа е секако е најскапо поглавје за имплементација во споредба со сите останати поглавја кои ќе се преговараат. Од претходните проширувања се проценува дека околу 1000 евра се потребни од глава на жител за спроведување на законодавството за вода. Во таа сума отприлика од 30 до 50 проценти се потребни за управување со отпадот, а отприлика исто толку за исполнување на стандардите од другите сектори, приближно се потребни околу четири милијарди евра за да може Северна Македонија да ги исполните барањата кои што произлегуваат од законодавството на ЕУ. Тие четири милијарди евра не значат од сега, тие веќе во извесна смисла се спроведуваат, се имплементритаат и останува одреден дел којшто постои пред нас, наведоа претставниците.
Тие, според Извештајот, оценија дека интегрирањето во останатите политики можеби најтешко да се оствари, меѓутоа тоа е значаен приоритет, особено со донесувањето на Зелениот договор и Зелената Агенда како и со Софиската декларација што беше прифатена и од нашата држава.
– Тоа пред бара се силна, компетентна, добро организирана администрација како на национално, така и на локално ниво, се со цел да се обезбеди спроведувањето на законодавството од ова поглавје. Најпредизвикувачки, е однесувањето на граѓаните, особено во постапувањето со отпадот. Бара промена во однос на она како денеска постапуваме со отпадот и како денес се однесуваме со природата. Бара промени и во водењето на самиот бизнис, односно во економскиот сектор. Особено со циркуларната економија и зелениот развој. Можеби често се занемарува и не се гледа како дел од животната средина меѓутоа е многу значајно и бара ефикасност и зголемување на јавните услуги. Зголемување пред се на пристапот до јавниот транспорт, затоплувањето, управувањето со водите и отпадот. Најзначајна ќе биде соработката со локалната самоуправа. Иако преговорите се водат од страна на Министерството, меѓутоа тоа не претставува изговор затоа што голем дел од обврските треба да бидат спроведени на локално ниво и затоа општините треба да бидат активно вклучени пред се во делот на управувањето со отпадот, водата и воздухот, нагласија говорниците.
Според Извештајот, најзначајно во текот на преговорите и најтешко да се докаже е спроведувањето.
– И тука и во текот на преговорите се гледа степенот на спроведување, се утврдуваат недостатоците, меѓутоа се утврдуваат она што значи транзициони периоди за оние директиви коишто имаат значајни финансиски средства каде што се потребни значајни финансиски средства за да можат да се спроведуваат и за коишто е потребно да се напарават соодветни планови за спроведување на директивите. Секако не смееме да го заборавиме и инспекцискиот надзор и финансирањето на животна средина. Мораме да имаме соодветно финансирање, се утврдува со Извештајот.
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Никола Димитров во своето обраќање на собирот истакна дека смета оти ќе биде многу тешко овој процес да даде вистински резултати ако не е инклузивен и отворен и ако не го вклучува невладиниот сектор.
– Животната средина со текот на времето стана клучна област на европската интеграција во која Унијата има развиено сеопфатна легислатива и политики, но настојува и да го има приматот за поттикнување на акција на глобална сацена. Во процесот на проширување Поглавјето 27 несомнено е едно од најкомплексните и најскапите што налага сериозна економска и општествена трансформација во енергетската зелена транзиција до циркуларната економија, транспортот, земјоделието, но и сооветни капацитети и финансиска поддршка за спроведување. Напорите се уште не насочени кон соодветна имплементација на „произведените“ документи и политики во смисла на обезбедување на административни, технички и инспекциски капацитети, преку процес на реформи на јавната администрација, по што следи фазата на употреба на најдоборите зелени технологии и креириање на таканаречени зелени работни места, наведе Димитров.
Тој додаде дека пренесувањето на европските стандарди во таа област е особено важно не само од аспект на напредокот во процесот на европска интеграција на техничко или политичко ниво, туку пред се заради фактот што политиките во таа област директно влијаат на нашето здравје и квалитетот на животот.
– Покрај усогласувањето со правото на ЕУ многу значаен сегмент е и суштинска имплементација на донесените политики што налага потреба од соодветна поддршка во процесот. Ова се области во кои целиот регион има доста работа на патот кон ЕУ, па така најголем дел од препораките од Извештајот на Европската комисија и во нашиот случај поделено по кластери, се нотирани токму во овој кластен 4 во кој се вбројува и поглавјето предмет на денешната дебата. Свесни за важноста на ова поглавје во нашата домашна реформска агенда – Европа дома, животната средина е приоретизирана како клучна област достигната на ниво на првиот кластер, истакна Димитров.
Тој нагласи дека верува оти Зелената агенда може да стане реалност преку доследно спроведување на акцискиот план.
– Затоа што покрај политичка волја и подготвеност и посветеност, потребна е заедничка општествена заложба и на национално и на локално ниво и од страна на државата и системот на администрацијата и тесна соработка со невадиниот сектор, посочи Димитров.
Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини изрази задоволство што активностите за заштита на животната средина и климатски акции бараат широка соработка и партнерства. Тој оцени дека мора да работат сите заедно, во спротивно не може да се постигне трансформацијата кон одржливи па дури и климатски неутрални стандарди.
– И покрај бројните предизвици со кои се соочуваме во изминатава година, остануваме посветени на националните приоритети и реформи како и остварување на агендата на ЕУ во државата. Доколку сакаме да развиеме успешни политики потребно е вклучувањето на сите, да постигнеме нивно соодветно спроведување и да обезбедиме усогласеност. Во таа смила го препознаваме конструктивниот придонес на сите засегнати страни, кои со своите коментари даваат поширок и поопфатен пристап и се потенцијални иницијатори за одредени реформи, од друга страна тие можат да ја подигнат свеста кај другите засегнати страни за неопходноста од такви политики, рече Нуредини.
Министерот, во однос на на политиките за животната средина и климатските промени, посочи дека во околу законодавството и нејзиното спроведување потребна е и конструктивна поддршка, вклучитено и од граѓанскиот сектор која ќе придонесе за постигнување на целите за интегрирање на политиките за животна средина во сите други сектори, како транспорт, енергетика, економија, земјоделство и таканатаму.
– Како клучен предуслов ова ќе даде силно влијалние за подобра подготвеност за националните институции за пристапување и преговарачкиот процес во ЕУ, заклучи Нуредини.
извор: МИА