пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
За почеток, едно мало парче од колумната на Славој Жижек во „Шри Ланка Гардијан“:
„Денешните опции извираат од дезинтеграцијата на големото Друго во општеството, збирот на обичаи и вредности кои ги одредуваат основните одлики на пристојноста во нашите социјални интеракции. Кога се дезинтегрира големото Друго, останува изборот меѓу опсценоста и теророт на групната присила. Без таков практичен консензус за јавната употреба на умот, полека ќе се претвораме во општество на трибални фракции, како нешто што веќе се случува во многу западни земји. Од друга страна, без просторот за јавна употреба на умот (за вакцините, да речеме), државата се изложува на опасноста да биде само една од инстанците на приватното резонирање.“
Убаво.
И од мојот омилен автор, белградско-нишкиот скопјанец, Љубодраг Стојадиновиќ:
„Уживање во бесконечниот мазохизам. Тоа е единствената тема, инаку срамота е да се биде овде.“
Што да се каже, драги мои: мазохизам и дезинтеграција, односно мазохизам во дезинтеграцијата или дезинтегрирачки мазохизам.
Хахаха!
Катастрофата на нашето општество во некои важни аспекти е отсјај на глобалните процеси. Тука така добро легнуваат опсервациите на Славој и на Љубодраг. Тие процеси имаат многу импути, но главниот генератор им се наоѓа во социјалните мрежи, во Фејсбук, посебно.
Тоа е јажето што светот го измисли за да има на што да се обеси.
Имаме и филозофски основи од општ карактер.
Човекот е она што не е и не е она што е.
Во егзистенцијализмот оваа формула ја изразува недофатливоста на човечноста.
Разминувањето на човекот со самиот себе.
Нема подобра дефиниција во која Македонецот може да ги изрази сите свои идентитетски распнатости.
Или други да се изразат за него.
Бугарите, на пример.
Во формата, пак, на вморон Македонецот се разминува не само со себе, тој се разминува со сите и со сѐ. Македонецот, односно вморонот во Македонецот е говно и кога не смрди и не е говно и кога смрди.
Тоа е нашата паланечка варијанта на Сартр.
Утешително е, ако така може да се каже, тоа што нашата недофатливост, во основа, е дел од општата дезинтеграција на човекот, но тој процес кај нас е понагласен и поинтензивен поради елементите на историското наследство, политичката и општа култура, политичката конфигурација и стратификација и, конечно, поради малата големина (хахаха) која дозволува брановите на распадот на сѐ, а особено на смислата, да се шират со брзина на светлината. Луѓето во Гевгелија или Ѓузумелци дознаваат за моето мислење пред мене, а јас дознавам за нивната смрт како субјекти уште додека се живи.
Фејсбук, таа неверојатна мобилизација и факторизација на просташтвото, е жилет со кој Македонците си ги сечат вените. Телевизиите и порталите се топлата вода во кадата на која полека ѝ ја даваме црвената нијанса на нашите еритроцити. Демократијата е транзисторот од кој доаѓа меката музика на смртта. Партискиот судир односно камуфлажата на битката за и против Македонија во партиски судир, е реквиемската атмосфера во која уживаме.
Уживаме, не сме бесни, како што изгледаме.
Или е поточно да се каже: уживаме во бесот, односно бесни сме затоа што уживаме.
Хахаха!
Колку пати сум пишувал дека битката за власт на начинот на кој тоа го правеше и го прави вмро со своите медиумски агресии на просташтвото и лагата и професорските инсталации на квазиинтелектуализмот, попрво и многу посилно ќе го разорат општеството отколку власта.
Океј, го расклатија Заев, но општеството го кутнаа на колена. Море го опијанија и го спружија врз брзата пруга на времето.
Себе си се легнаа.
Измислиците кои требаше да му ја сугерираат на општеството катастрофата што ја произведува власта, се претворија во драматична стварност што ја произведува опозицијата. Всушност, единиците на специјалната војна маскирани во опозиција. Која со својата опсценост не бута никаков диктатор, како што се случувало со опсценоста порано по светот, туку сака да го инсталира.
Медиумскиот терор во функција на соборување на власта по секоја цена и инсталирање на друга власт, ја соборија супстанцата на Македонија, општеството, кое, без просторот за јавна употреба на умот (Жижек), се претвори во атомизирана трибална маса што ја лепат само злобата, очајот, огорченоста, паниката и одмаздата.
Образованието, наспроти општите впечатоци и истражувања, не е толку виновно. Виновно е што е шутнато на маргините односно тоа што го остави својот простор на партиски и медиумски говњари, значи не по тоа што таму се учи, туку по тоа што ништо не се учи.
Виновни се фабриките за производство на претстави за катастрофалната стварност. Која потоа ја истиснува и заменува стварната стварност.
Кога јас велам дека вмро го изместува Македонецот од неговото национално и државно, па и општочовечко седло, јас не се впуштам во партиска дебата, затоа што партиската дебата и конфликтот како партиски конфликт го сметам за лажен, туку се обидувам да ја објаснам природата на проклетството и закономерноста на смртта, филозофијата која тврди дека Македонецот и вмро се контраиндицирани. Како што во егзистенцијализмот субјектот го доведува во прашање постоењето на другите луѓе, така кај нас вмро ја доведува во прашање Македонија. И Македонците. И сите што не се вморони. Дури и вмороните како Македонци и како луѓе. Со тоа што тие за себе мислат дека се македонски рудари на кои четирите букви им го осветлуваат патот во тесните ходници на современоста.
Хахаха!
Тие не се Македонска каменица туку се Камен македонија.
Никогаш во Македонија не се живеело подобро и никогаш луѓето не верувале дека живеат полошо. Тоа значи дека нивниот став нема да се смени со подобрување на животот, туку со промена на претставата. Со интервенција во емоциите. Со производство на емоции кои ќе му покажат на човекот дека, сепак, е подобро да биде модерен господин отколку племенски војник кој првите комшии ќе го наденат на своето копје за ражниќи од македонско месо.
И никогаш луѓето не добивале побогати порции слобода и средства за живот со поскромни заслуги. Тие се робови на претставите за себе и за општото добро, претстави кои им се наметнати низ партискомедиумската тортура.
Нивниот бес е произведен како халуцинации од лсд.
Или други дроги.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.