Претседателот на САД Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин денес одржаа виртуелна средба, во време кога Москва распоредува трупи на границата со Украина за можна инвазија, главна тема на нивните разговори, објави Гласот на Америка.
Во пресрет на разговорите, од Белата куќа изјавија дека Бајден бил подготвен да го предупреди Путин дека Русија ќе се соочи со тешки економски санкции ако изврши инвазија на поранешната советска држава, откако веќе го анектираше Крим во 2014 година.
Москва распореди 70.000 трупи покрај источната граница на Украина, по што американските официјални претставници изразија сомневање за можна инвазија на почетокот на 2022 година.
Официјални претставници од Белата куќа изјавија дека САД ќе утврдат вистинска цена против Кремљ ако ја лансира инвазијата.
Од друга страна, Путин сака САД да гарантираат дека НАТО алијансата никогаш нема да ја прими Украина како нејзина членка, барање што Американците и нивните 29 сојузници нема да го прифатат.
Пред состанокот, портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, изјави:
„Се консултиравме со нашите сојузници и веруваме дека постојат опции што ќе предизвикаат значајна и голема штета на руската економија“, рече Псаки.
Државниот секретар на САД Ентони Блинкен вчера телефонски разговараше со украинскиот претседател Володомир Зеленски.
Портпаролот на Стејт департментот рече дека американскиот дипломат го осигурал Зеленски дека САД даваат „неприкосновена поддршка за украинските суверенитет, независност и територијален интегритет“.