Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 ТВ најави можно распишување на референдум за тоа дали скопјани поддржуваат воведување на „Бас рапит транзит“ (БРТ) системот во јавниот превоз на главниот град или не.
„Референдумот е една од опциите за граѓаните да излезат и да одлучат. Не само за ова, ќе почнеме да го практикуваме и за други работи“, рече Арсовска на Канал 5 ТВ.
Таа рече дека останува на нејзиниот став дека БРТ системот не е добро решение за Скопје, а наведе и неколку критични точки поради кои смета дека ризиците се поголеми од евентуалниот бенефит. Првата, како што рече, е што доколку се воведе овој систем на градски превоз ќе биде потребен нов мост на местото кај постоечкиот „Обединети нации“ во Влае, што пак би биле дополнителни трошоци од шест милиони евра. Друга критична точка, според неа е што тврди дека ќе се отстрани целото зеленило по средината на „Партизанска“, а како трета ја посочи главната водоводна инсталација која поминува под средишното зеленило на овој булевар.
БРТ системот или популарно наречен „автобуското метро“ беше еден од клучните проекти кои ги најавуваше и започна да ги спроведува претходната градска администрација на чело со Петре Шилегов.
Извор: 360 степени





