НИКОЛА НАУМОСКИ
Дилемата за јавниот превоз во Скопје многу наликува на класичната врапче-гулаб-рака-гранка, само во обратна поставеност. На Арсовска дотаму и се наредени работите, што може да седи со скрстени раце до крајот на мандатот, а Скопје сепак да добие БРТ.
Зошто?
Бидејќи некој друг и ги дотерал работите до самиот финиш: проектирал нов систем сообраќајно и градежно, завршил преговори со ЕБОР, обезбедил политичка поддршка од Влада и Собрание за државата да го плаќа кредитот, а не градот, подготвил обемна тендерска документација и распишал тендер. Се‘ што треба Арсовска да прави е да седи настрана и некој друг ќе и изгради две депоа, целосна БРТ линија исток-запад, 23 затворени станици, партерно зеленило со дрвореди, ќе и набави 50-ина висококапацитетни автобуси… Што е најважно, некој друг ќе плати за тоа, а не институцијата со која што таа раководи! Данела само ќе треба да се појави да сече црвена лента во 2024 кога ќе треба да се отвори првата линија од Ново Лисиче до Ѓорче Петров.
Тоа е практично „гулаб во рака“ ситуација.
Од друга страна, Арсовска го има своето глупаво предизборно ветување за 250 нови еколошки автобуси кое практично ништо не значи во смисла на реформа на јавниот превоз во Скопје. Тоа е едноставна замена на сегашните автобуси со нови поеколошки. За таа нејзина намера, Данела нема студија, нема проект, нема буџет… Што е најважно, таа нема обезбедено финансирање. 250 автобуси ќе чинат барем 50 милиони евра кои градот ги нема, ниту во својот буџет, ниту пак може да се задолжи. Законскиот лимит на задолжувањето на Град Скопје е веќе одамна речиси исполнет. Град Скопје не може да се задолжи ни пет, а не пак 50 милиони евра. Единствено што и останува на Градоначалничката е да се надева дека Владата и Собранието ќе се согласат да и ги платат нејзините сулуди изборни ветувања со изгласување на нов закон за задолжување во Собрание, што ќе се деси на куково лето…
А тоа е „врапче на гранка“ ситуација.
И сега, Данела ќе ги прашува Скопјани на референдум за тие место неа да ја одгатнат најочигледната дилема. Нејзината горделивост не и дозволува да си признае дека нејзините предизборни лаги се неспроведливи и наивни, па сега ќе се сомнева во некои аспекти на БРТ кои веќе одамна се одговорени и апсолвирани (средишното зеленило, водоводната цевка под Партизанска и мостот Обединети Нации). Одговорите постојат во самата проектна документација – колку зеленило треба да биде заменето и во колкав дел од трасата, какво е градежното решение над главната водоводна цевка, за потребата од нов мост (сегашниот има само две ленти во правец – недоволно за БРТ, нема велопатеки и нема тротоари). Но, таа сега ќе ја замајува јавноста со прашања што таа едноставно ги пропуштила во јавната дебата, бидејќи никогаш пред својата кандидатура не се бавела, ниту ја интересирале градските политики.
Текстот е личен став на Авторот