Ице Беличев
Подземен татнеж го разниша тлото,
замаглена светлина ми продре во постелата,
морничав акорд ми ја наежи снагата,
силна болка ме ничкоса на колена
и пред очи се исправи вистината.
Жигосани стојат годините,
изрезбани во сенките на минатото
ко жив штит ја чуваат снагата
шепотат за предавството,
раскажуваат за љубовта,
ја калемат верата,
небаре свето тројство –
ја чуваат меѓата на нашето битисување.
Клетва ли било или благослов –
да те оништожат,
во крв да те потопат,
со распетие да те даруваат
за пак да ни воскреснеш?
Судбина твоја ти било
голгота тешка да газиш,
со смрт да се овенчаш,
адот да го помирисаш
и пак победнички да се исправиш
во животта своја да се вратиш.
Со парчосана утроба се издигна,
а солзите само ги проголта
и така босонога, наметната со сила
исткаена од вера,
с`рмосана со љубов
јурна во мракот да запалиш кандило
да го протера врагот.
И би ден од светлина
и би сонце златозрачно
и би вера божествена
и би љубов човечка
и би божја повелија
и би рожба девствена
и би… Тивериопол!
Прашинка по прашинка – соѕида одаи,
солза по солза – извреа извори,
буква по буква – напиша молитви,
камен по камен – изгради храмови,
човек по човек – изроди судбини
и за навек остави потомци.
Ице Беличев (1982) е македонски поет и текстописец родум од Струмица. Автор е две збирки поезија и застапен во неколку алманаси и списанија. Во 2019 добива годишната награда на општина Струмица како признание за неговиот придонес од областа на културата и уметноста.
избор: Тања Кармзова Костиглиола