пишува: БРАНКО ТРИЧКОВСКИ
Сега гледаме дека бездната на историјата е доволно голема за целиот свет. Чувствуваме дека една цивилизација ја има истата кршливост како и еден живот.
Но, тоа не е сè.
Вруќата лекција е уште попотполна: не ѝ беше доволно на нашата генерација да научи на своето сопствено искуство дека најубавите работи, најстарите и најголемите и најускладените, можат да исчезнат во несреќен случај: таа гледаше, во областа на мислите, на здравиот разум и чувствата, како се случиле необични појави, ненадејно остварување на парадокси, брутални разочарувања и очигледности.
Така, духовниот Персеполис не е помалку разорен од материјалната Суза. Не е се загубено, но се чувствува дека се пропаѓа. Необичен трепет помина низ сржта на Европа, таа осети, со сите свои мисловни јадра , дека престанала да личи на себе, дека ќе ја загуби свеста, свеста стекнувана низ векови подносливи несреќи, со илјадници првокласни луѓе, низ неброените географски, етнички, историски можности. Во очајна одбрана на своето битие и сопствениот физиолошки имот, сето паметење и се врати збркано.
Надежта, се разбира, останува, но надежта е само недоверба на битието во однос на точните предвидувања на духот. Таа сугерира дека секој заклучок кој е неповолен за битието, мора да биде грешка на неговиот дух. Фактите, меѓутоа, се јасни и немилосрдни: постои загубената илузија на една европска култура и доказ за немоќта на сознанието да спаси што било; постои наука која е смртно погодена во своите морални амбиции и обесчестена со свирепоста на своите промени; постои идеализам, длабоко измалтретиран, одговорен за своите соништа; реализам разочаран, тепан, смачкан под товарот на злосторот и грешките; стрв и воздржаност, подеднакво исмеани, верувања помешани во времињата, крст против крстот, полумесечината против полумесечината; постојат скептици и самите во забуна со оглед на така молневитите настани, така жестоки, така потресни и кои си играат со нашите мисли како мачка со глушец; скептиците ги губат своите сомнежи, одново ги наоѓаат, повторно ги губат и не знаат повеќе да се служат со пресвртите на својот дух. Лулањето на бродот беше така силно што и најдобро обесените лампи на крајот се извртеа.
Вака пишувал Пол Валери во 1919 година.
Очигледно потресен од апокалипсата на Првата светска војна.
Јас мислам дека денеска не би бил поблаг. Напротив. И во Париз и во Берлин и во Скопје и во Софија би нашол доволно материјал за поткрепа на своите становишта за цивилизацијата, за Европа, за човекот. Во Скопје и Софија посебно затоа што во нивната заглавеност многу убаво ќе види како локализмите се пумпаат со значења кои на фонот на општата драма не изгледаат ниту како мувско говно на скршениот џам на цивилизацијата.
Драматични се и согледувањата на Јасперс, само неколку години по крајот на Втората светска војна. Еве некои негови белешки со кои ја допира актуелната драма на човештвото, нашата заглавеност со Бугарија и нивната со нас и таму и ваму – со себе:
Човекот живее меѓу кулисите што останале од минатото. Но тие веќе не го формираат вистинскиот терен на неговиот живот; тие имаат изглед на куп олупини. Тие се за него само уште фикција. Човекот, изгледа, допре до ништоста. Тој во грч се фаќа за ништоста со очајување или пак во триумфот на уништувањето. Од Ниче, со сè повеќе сила, се слуша: Бог е мртов. Човековиот живот станува живот на масата. Индивидуализмот се губи, индивидуата се прилагодува на типот што го наметнува пропагандата, киното, нивелирањето на секојдневната стварност. Чувствувајќи се изгубен, човекот бара одново да го најде чувството на своето достоинство „во нас“ вклопувајќи се во некоја колосална сила. Други, меѓутоа, низ непрекинатоста на своето временско постоење, веруваат во Господ. Тие сочинуваат една заедница и се чувствуваат сигурни во откривањето на вистината во која веруваат било затоа што таа вистински има завладеано со нив, било затоа што се во власт на една жестока волја на верувањето, протестирајќи на тој начин, против ништоста. Постојат, исто така, и големите техничари на историјата, оние кои мислат на општата историја, кои веруваат дека со самата мисла ќе ја опфатат во нејзината целокупност или пак дека ќе ја земат во свои раце целата благодарејќи ѝ на една навистина деспотска сила. Тие веруваат дека така ги држат лостовите на историјата и дека ја обликуваат иднината на човекот. Постојат и оние кои се покоруваат, кои го жртвуваат својот живот, кои со фантазмата на некоја конфузна вера, му служат на еден водач или на неговата партија. Тие прифаќаат да живеат во атмосферата на лага и дури се спремни, по налог, да извршат било кое злосторство. Денеска имаме впечаток дека во човекот се согледува хаос; гледаме како нагонот се распалува без пречки. Нешто што само наизглед беше скротено, ја кине тенката кора што ја стекна цивилизацијата во текот на историјата. Модерната психологија, откривајќи го ова подземје, го фати неговиот пеколен карактер.
Значи, така, Карл, живееме меѓу кулисите од минатото. Ние тука – сигурно. Но, не сум сугурен дека тие олупини не го формираат теренот на нашите животи. Тие се фикција, но фикција во функција. Нели гледаш дека уште сме заглавени во 11 век. Хахаха. Од сето друго човек добива впечаток дека сте го пишувале во Народната и универзитетска библиотека во Скопје деновиве. Или кај секретарката на Радев во Софија. Општествата и таму и ваму се ангажирани во одбраната на кулисите за кои зборуваш и тоа како фиксации кои им обезбедуваат да не го забележат внатрешното распаѓање, допирот до дното, на ништоста, да не ја забележат бесмислата на себе и на својата борба.
Јас им викам на моите: Македонизмот е биткоин што за вас го ископале претците, единствената конвертибилна валута со која можете да тргувате, да купувате нови временски отсечки од историјата и по нешто да ви останува за следната трансакција. Не постои опција да се хармонизирате со светот и со себе внатре без да продавате парчиња од претставата за себе. Тоа не е сосема исто што и продавањето на парчиња од себе, макар што има таму некои допирни точки. Всушност, живи сме и во состојба сме да се инаетиме само затоа што во изминативе триесет години успеавме да го раситниме нашиот биткоин. Така ги решивме проблемите со Албанците односно проблемите на Албанците со нас. Така го решивме спорот со Грција. Така ќе го решиме и спорот со Бугарија. Само чекаме да ја максимизираме штетата. Се разбира тоа не значи дека Бугарија е во право. Освен за некои историски факти. Сите тие елементи на кои инсистира како ламите на Валери ќе се превртат на глава во бродот кој толку силно се тресе што нема да остане здрава чаша од Цивилизацијата и од Европа. Софија учествува во тоа тресење. И Скопје, се разбира, но Софија посебно затоа што скока во кондурите на надежта дека ќе ја обликува и историјата и иднината на себе и на Македонија. Хахаха. Можеби и ќе успее, но веројатно не пред бродот за кој зборуваме да се напрчи и тргне да тоне. Тој, огромен Титаник.
По повод продолжувањето на блокадата напишав дека тој чин е знак за европската декаденција, дека е легнат полицаец на патот на спасот на континентот, дека објективно води во уништувањето на еден народ, на едно општество, на една нација на една држава. Во геноцид без комори, без циклони, но во логор огрден со бодликавата жица на Европската унија и со стражарските кули на Бугарија.
Во стварност од погледите на Јасперс, Валери или Малро.
Нашите постапки се врзуваат за нас како светкањето за фосфорот. Тие не арчат, вистина е, но тие го прават нашиот сјај, пишуваше Андре Жид.
Тоа светкање го лоцира досието на проблемот и ги детектира, непогрешливо, носителите, генераторите на тој проблем во секој поединец. Некој свети посјајно, некој помалку сјајно, некој не свети воопшто.
Никој не може да се пребори со тапоста.
Тапоста е непобедлива.
Специјално за ПРВАТА ЛИНИЈА. Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторот.