– Денеска ја поднесов оставката од функцијата Претседател на Владата на Република Северна Македонија до Претседателот на Собранието, Талат Џафери, објави на Фејсбук премиерот Зоран Заев.
„Демократијата значи и одговорност. Со мојата оставка, преземам одговорност и оставам пример за граѓанската должност на идните лидери, но и давам уште еден придонес во јакнење на демократскиот капацитет на државата.
Ми беше огромна чест што можев да служам и што ја имав довербата на мнозинството од народот во изминатите четири години.
Сакам да им се заблагодарам на пратениците во Собранието, овој и претходниот состав, на членовите на двата состави на Владата за време на моите мандати и на граѓаните на нашата држава.
Посакувам благосостојба и просперитет на сите наши граѓани, на сите заедници, на целиот наш народ, напиша Заев.
Тој во образложението посочува дека резултатите на последните избори, иако беа локални, за политичкиот момент во кој што се наоѓа земјата имаа и национална и политичка тежина.
– Во вакви услови за мене лично и за мене како премиер, заради политиките во кои верувам, политички неодговорно и неоправдано пред мојот народ и мојата земја би било јас лично да продолжам да ја водам владата на евроатланскиот пат. Сметам дека друг премиер од редовите на СДСМ тоа ќе може да го оствари на подобар начин, наведува Заев.
Во писмото од оставката до претседателот на Собранието, премиерот вели дека во неговиот мандат се донесени историски одлуки како договорот со Грција со кој Македонија се збогувала со референцата БЈРМ и го потврдила македонскиот јазик и идентитет како и членството во НАТО, а го споменува и концептот „Едно општество за сите“.
Оставката треба да ја констатира претседателот на Собранието, Џафери, а според собраниски извори, тој тоа ќе го стори утре пред седницата за пратенички прашања.