Министерството за внатрешни работи во текот на завчерашниот ден извести за 10 приведени лица поради сомнение за криумчарење и неовластена трговија со прекурсори, како резултат на голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје, при што се лишени од слобода десет лица на возраст од 35 до 53 години, петмина од Куманово, четворица од Скопје и еден од тетовско, меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници, соопштуваат од МВР.
„Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“ од член 278, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај едниот од нив, односно десеттиот од приведените бил пронајден и одземен кокаин“, известуваат од МВР.