ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home

Македонско-руски односи: Мангуп, кројач, војник, шпион

Во Македонија, како и во повеќето други балкански држави – но, не како во „српскиот свет“ на Вучиќ – Русија е „тектонски“ фактор: малку ја има на „површината“ на настаните и политиките, но значајно е присутна во нивното „подземје“, во регионалните енергетски текови, во разместувањето на руските „кадровски“ интереси по државната номенклатура, во пропагандата, во разузнавањето, во културата и образованието...

December 24, 2021 08:42
in ДЕНЕС, ПОЛИТИКА, ФРОНТ
Сашо Орданоски

Сашо Орданоски

Share on FacebookShare on Twitter

САШО ОРДАНОСКИ

Ескалацијата на политичко-безбедносната криза во Украина не попушта. Напротив, и руската и украинската страна, со своите сојузнички капацитети, ја заоструваат реториката, паралелно со оперативните воени активности на теренот.

Рускиот претседател Владимир Путин завчера одржа средба со највисокиот ешалон руски генерали во тамошното Министерство за одбрана, настан намерно направен театрално, како јасен дел од кризната пропаганда на Русија: Путин, со остар тон, ѝ соопшти на руската и на меѓународната јавност дека, заради „непријателското“ однесување и „недвосмислено агресивниот став“ на Западот кон Русија и нејзините стратегиски интереси, тој е подготвен да преземе „соодветни воено-технички мерки на одмазда“! Тешко би можело да се замисли поопасен речник од овој, кога се руските безбедносни закани во прашање.

Украина, од своја страна, е во највисока воена и политичка готовност за воен судир со Русија. Со оглед на грамадната воена сила, во луѓе и техника, што Русија ја натрупа на границата со Украина, сериозни воени експерти предвидуваат дека тоа би можело да се случи веќе во јануари, иако варијантите на тоа како точно би изгледала целата операција се различни, а во секоја од нив шансите за ефикасна украинска одбрана се проценуваат на прилично „тенки“. Тоа е така и покрај тоа што западните сојузници на Украина и НАТО цврсто застанаа зад политичката одбрана на Киев, проследено со низа воено-технички засилувања на нејзините капацитети, од воено-технички, до разузнавачки. Дотолку повеќе што, дојде ли до реален воен конфликт, тој ќе претставува само почеток на нова, долга и исцрпувачка фаза на стратегиска конфронтација што нема да се ограничи само на првичните резултати на самиот терен. И така натаму…

ШТО ИМА МАКЕДОНИЈА СО ТОА?

Тоа нѐ води до логичното прашање: Какви се непосредните предизвици за Република Северна Македонија, како најнова членка на западната, НАТО Алијанса? И тоа најмалку, овде, за воените компликации од таквиот развој на настаните (за тоа има многу поквалификувани експерти од капацитетите на скромното перо на овој автор), а многу повеќе од аспект на политичките внатрешни и меѓународни последици за македонската држава.

Русија и Македонија своите билатерални односи ги базираат врз фактот што не споделуваат меѓусебна географска граница, а ни значајна економска или енергетска соработка – во таа смисла, ние сме најмалото од сите мали „џуџиња“ во однос на руските интереси – но се испреплетени во регионалниот контекст на Балканот. Ја продолжи ли Русија стратегиската конфронтација со Западот и на воено-оперативен план, макар и преку прокси-конфликтот во Украина, тогаш Балканот станува (односно, продолжува да биде) еден од најважните европски региони за дестабилизирање на западните интереси на Континентот.

Таквите нивни операции во сите држави на Балканскиот Полуостров се многу „евтини“ во секоја ресурсна смисла – од воено-политичка, преку дипломатска, до економска – бидејќи тие, барем во последната деценија-две, имаа за цел само да ја одржуваат перманентната нестабилност во „замрзнатите конфликти“ на Балканот, а не неопходно нивна ескалација во отворени безбедносни конфронтации. Таа „асиметрична“ варијанта на дестабилизација за контрирање од страна на Западот, пак, е неспоредливо поскапа, покомпликувана и поисцрпувачка, во секоја смисла, со многу поголеми нивни „падови“, отколку потребата за регионалните руски „подеми“.

РУСИЈА КАКО „ТЕКТОНСКА“ СИЛА

Во Македонија, како и во повеќето други балкански држави – но, не како во „српскиот свет“ на Вучиќ – Русија е „тектонски“ фактор: малку ја има на „површината“ на настаните и политиките, но значајно е присутна во нивното „подземје“, во регионалните енергетски текови, во разместувањето на руските „кадровски“ интереси по државната номенклатура, во пропагандата, во разузнавањето, во културата и образованието…

На пример, добрите македонско-руски односи се темелат и врз големиот број на руски иницијативи во Македонија, кои не мора да имаат директна, очигледна политичка компонента, но имаат значаен импакт и во овдешните политики. Така, покрај „мамутскиот“ број на дипломати во Амбасадата на Руската Федерација во Скопје (официјално, нивниот број неколкукратно го надминува бројот на дипломати и во најважните амбасади на нашите западни партнери, со исклучок на оние од САД), Русите имаат и два почесни конзулати во Охрид и Битола, Руски центар во Скопје, Македонско-руска стопанска комора и повеќе програми за образовни, културни, уметнички и други соработки.

Според обемот на ваквата овдешна активност на Русите, човек да помисли дека сме соседни земји, со значајно руско малцинство во државава и годишна економска или воено-техничка соработка во износи од милијарди евра. Не сме, во секоја смисла. Ни приближно.

КОЈ Е КРОЈАЧ, А КОЈ ШПИОН?

Од друга страна, Македонија во 2021 година, во два наврати, протера најмалку двајца руски дипломати заради нивно еклатантно занимавање со активности кои не се споиви со меѓународно дозволените активности во нашата држава. Велам „најмалку“, бидејќи имам индиции дека во барем уште еден случај руски дипломат е „тивко“ повлечен од Скопје, без отворено да се прогласи за „персона нон грата“ од страна на нашите надлежни служби.

Во таа сфера, односите ни се како во прочуениот шпионски трилер „Мангуп, кројач, војник, шпион“ (“Tinker, Tailor, Soldier, Spy”) од 2011 година на режисерот Томас Алфредсон, според книгата на Џон ле Каре, од времињата на Студената војна, во кој главниот лик, пензионираниот разузнавач Џорџ Смајли (го игра Гери Олдман) треба да го открие советскиот агент во британската тајна разузнавачка служба МИ6.

Само по себе, тоа говори за зголеменото ниво на агресивност на руските дипломатско-разузнавачки активности во државава по нашето влегување во НАТО. Тоа следуваше по многу години, особено последните две-три, пред нашето зачленување во Алијансата, кога „вечниот“ министер за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров (а и не само тој), даваше, „во просек“, по една изјава неделно, понекогаш со јасни заканувачки и директни пораки (дрски, како што тоа само Русите и Американците знаат да го срочат) за македонската државна внатрешна стабилност и надворешна безбедност.

Ниту руските влијанија во македонската политика не се наивни, иако се често „скриени“ низ, пред сѐ, овдешните српски инсталации и „содејства“, а и разно-разни бугарски, па и грчки „емисари“. Што е право, никој не може, по обем и значење, да го надмине унгарското влијание (уште една нам „соседна“ земја) во Македонија, но желбата за падот на сегашната владејачка структура во државава им е заеднички фиксација, ако не и заедничка операција на Унгарија и Русија. Не се тие клучниот фактор во тоа, ама се трудат, помагаат, кој колку може.

Конечно, бидејќи постоењето, стабилноста и напредокот на Македонија е јасно деклариран „национален интерес“ на САД, тоа самото по себе не прави „легитимна цел“ на руските дестабилизирачки намери.

МЕНТАЛИТЕТ, АВТОРИТЕТ, ПУТИН…

Сето ова упатува на заклучокот дека непосакуваната безбедносна ескалација во руско-украинските односи ќе има, како и во многу други земји, напнати последици и во Македонија. Во голем дел го споделуваме словенскиот менталитет, што само ги прави гео-политичките контексти уште помачни, „повалкани“, а и со секогаш надежни автократски потенцијали во сите три земји – по заминувањето на Меркел во пензија, Путин мора да е во тесна трка со Ердоган по најголема лична лидерска популарност во предметот на „мрачните желби“ на јавноста на кревката македонска демократска стварност.

Ако на тоа се додаде „кашата“ од чувства и интереси што со децении ја произведува европскиот „изгубен компас“ на Балканот, треба да се очекува дека бројот на војници и шпиони значително ќе го натфрлат бројот на мангупи и кројачи во периодот што следи во руско-македонските односи.

 


Преземено од ЦИВИЛ. Текстот е личен став на Авторот.

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Фото: ЦУК

Пожарот во дојранско Николиќ опасност да ги зафати околните шуми, Грција испрати два канадери

July 12, 2025
Фото: Скриншот

(ВИДЕО) Куќен притвор за едно, а мерки за претпазливост за друго лице вклучени во нападот врз Арсовска

July 12, 2025
Генерирано со ВИ

Реакции на Кошта и европски лидери за царините на САД: ЕУ е подготвена да ги заштити своите интереси

July 12, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Приказна за лавот и глушецот

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Гордоста ми удри во чело – и ми извади око

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Чупеска за Фронтлајн: Власта ја занемарува интеркултурната комуникација и ги продлабочува поделбите

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Tошковски: Имало физички контакт при нападот врз Арсовска, но лага е дека се се случувало пред полицијата

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • (ВИДЕО) Арсовска со драматични обвинувања кон МВР: Се обидуваат да го заташкаат тепањето

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk