Стефан Марковски
Во тело на ѕвер-полубог се капат империјални сенки на хтонските сили
царства споени во сингуларитетот на сите битија
стануваат златни руини под замави со крила од челични перје
во темјанов чад се облечени издишките
низ кои богови испраќаат одговори
кога минуваш низ тунелите од стаклена надеж
девствена крв ти ги напојува клетките.
Грифон продира далеку во небесата
во потрага по
величествен ден за совршена меланхолија.
Сите знаат
малку веруваат
дека празнината во секоја белина
е најшареното виножито зашиено во точка
бунарот во кој се дават душите
илузија е на сите судбини
погребани во тунел со еден излез
каде небесните синила се отсјај од стакла на осамени возови.
Азиските ветрови дуваат статуи од месо
пред да ти го откријат патот кон единствената вистина – надолу
сите дефиниции за радост и мудрост се кочии со експлозив
што си го чека мигот пред лица
кои допрва ќе црвенеат.
Дождот е бес на миријади огледала и мечеви
тие ја вардат невиноста на парчињата земја меѓу нас
и магијата на воздухот со вкус на бели птици
црни пци ја ловат месечината на квечерината
и криејќи се зад планините
лаат со лавовски крик
тогаш ноќта од себеси скулптира нови тунели на надежта
девствена ко нескршено шише вино
вперено кон патот.
Стефан Марковски (1990) е македонски писател, поет, сценарист и филозоф од Гевгелија. Марковски е главен и одговорен уредник на списанието за литература, култура и уметност „Современост“ и член на ДПМ.
Избор: Тања Кармзова Костиглиола