пишува: БОРЧЕ БОКИ ТРАЈКОВСКИ
Најчесто поставувано прашање у декември. Не, не мислам на последниве години, да се разбереме. Ова беше хит прашање осумдесетите. Чинам дека токму тогаш ова прашање ја достигна кулуминацијата. И не беше поставувано за да дознаеш кој каде планира да ја пречека Новата година, туку, за да бидеш прашан – А ти, каде? Е ја брат, у Континентал со друштво. Браос бе батка, у Континентал викаш, у јеботе, значи преминуеш у високото добро утро, браос. И почнуеш да се курчиш. Дамите да се препичуат. Не беше заебанција да дојдеш до резервација у Конти или у Гранд, а и Панорама беше престиж у тоа време. Не можеше таму секој да дочекуе Нова година. И така, цел месец прашања и одговори, чаталења и нетрпение, возбуда и трема, подготовки за дочекот на Новата година. Нови чевли, ново одело, машња, фризури, фустани, бижутерија, и ете го денот, 31 декември 1982, а и саатот се наближуе:
– Боки, како изгледам?
– Супер!- Ама мислам дека погрешна боја одбрав на кондуриве, не ми се уклапаат со каишов?
– Тањо, дај не комплицирај еве го 8 саат е, треба да одиме!
– Чекај да видиш како ќе ми стои без каишов! А, што викаш?
– Супер си…
– Ете го тој, пак супер, а бе кажи искрено?
– Е па стави го каишот, ебате бељата, боља си со него!
– Викаш?
– Викам… и ајде побрзај доцниме…!
– Еве еве… готова сум, идеме…!
– Ме стега ова машњава ќе го откопчам горново копче на кошуљава!
– Ау не, никако, ти се разлабавуе чворот и не ти личи, не го откопчувај, едвај го врзавме!
– Па кој ќе издржи вака до полноќ ма Тањо, ме гуши?
– Не си навикнат, ќе ти помине за еден саат, ќе видиш!
Кабината у „тристачот“ загреана на телесна температура, седнуеме и тргаме. Уште на паркинг пред Конти корне на „Пино силвестре“ и некои недефинирани женски мириси. Оние бугарскине у мали шишенца ко за отров, со едно пластично цевче за премачкуење закачено на капачето, со мирис на трендафил и босилок, каранфил и магдонос. Сите доаѓаат у исто време. Идат ко уштиркани. Хаљини до земја, лакирани пунџи, штикли и ѓонови штракаат по мермерон ко тешка коњица. Дури и вратовите едвај ги завртуат, а на секој сурат вештачка насмевка. Онолкава. Одма ти текнуе дека ова не е ништо друго осим новогодишна парада. Да ме видат, и да ги видам. А ако евентуално ме фати и камерана на Телевизија Скопје први програм, утре сум главна ѕвезда и у маало и у Железара, пошто ќе ме пуштат у главни вести. Па па пааа…
Како си дошол така си седнал на групни астал, уштиркан. Статуа, споменик, восочна фигура. Првите коментари се однесуат на делење лажни комплименти за бојата на машњата, за кој ти ја шиеше хаљината, многу ти е убава, а не, твојата е боља, а и фризурата ти е супер, и се клештиш ко нездрав. Се’ ти е јасно, ама џабе, кога и ти си дел од оваа изложба на наметнатиот кич наместо гламур. Првиот саат е резервиран за таквите муабети. Вториот за првото оро, да завртиш кругче околу сала за да се покажеш пред сите други, а и да ги видиш…
Ете го 10 и 30, пардон, 22 и 30. Музикава убрзава темпо, а бокалчињата се празнат се’ побрзо. У 11 и 15 тутма. Нит има кај да се фатиш на оро, нит па има место кај да „шизиш“. Машњите се обесени на столици, кошуљите раскопчани до пупак, фризурите више не се важни, пошто фатиле природна разбушавеност од мафтање на главите лево десно, горе доле, и све поише замирисуе на мишки. У 15 до 12, една се качуе на астал и игра чучек, по неа уште три. Ко едвај да чекаа која ќе се осмели прва. Десет, девет, осум, седум, шес…, нула… СРЕЌНА НОВА ГОДИНА, извикуе певаљката. Гушкања, честитки, ти реков ми рече, и пак чучеци…
1 саат сабајле, кај пола жени нема штикли на ноги, кај више од пола мужи нема машњи. Исфлекани бели кошуљи, разбушавени пунџи, светнати очи, мортузите диригираат темпо и окупираат простор. 1 и 30 идеме дома, крај. Ја пречекавме најлудата ноќ, ама у Конти, бе, мислам јебига, да се разбереме, овај, нали. Него, стварно, каде за Нова година…?
Од збирката “Скопје тенкју 1“