Талибанците наредиле серија обезглавувања на изложбени манекени, опишувајќи ги главите на кукли како „идоли“ кои се забранети од исламот. На пазарџиите во западната авганистанска провинција Херат, Министерството за пропагирање на доблеста и спречување на пороците им кажало да ги отстранат главите на женските манекени по излозите за купување оваа недела, објави Insider.
Оние кои ќе ја игнорираат наредбата ќе се соочуваат со тешки казни, предупредиле од локалниот оддел на министерството, според медиумот. Министрите веруваат дека луѓето ги обожаваат куклите како идоли, а Куранот го смета идолопоклонството за непростлив грев.
Според медиумот Аган Раха Прес, директорот на локалното министерство рекол дека дури и да се погледне лицето на женски манекен е спротивно на шеријатскиот закон.
Раха прес објави дека сопствениците на дуќани во Херат се ужаснати од обезглавувањето, повикувајќи се на тоа колку се скапи куклите. Еден продавач рекол дека куклите чинат и до 200 долари, и додаде дека отсекувањето на нивните глави е „голема загуба“ за него.
Скај њуз објави дека министерството им кажало на таксистите дека не треба да ги носат жените на долги патувања доколку немаат машки придружник.