Образованието во 2021 година го одбележаа новата Концепција за основно образование и согласно со неа – воведувањето нови наставни програми и дигитализација на учебници. Беше скратена државната матура за минатогодишната генерација, воведени се образовни асистенти платени од државниот буџет и отворени нови паралелки за средно стручно образование.
Избувнувањето на пандемијата во 2020 година предизвика големи промени во образованието.
Школите и универзитетите низ светот беа затворени, а 1,5 милијарди деца на глобално ниво останаа надвор од училниците, според податоците на Обединетите нации. Наставата се изведуваше онлајн на далечина преку дигитални платформи, но затворањето на школите влијаеше врз знаењето на учениците, нивното здравје, благосостојба и врз нивите семејства. Проценките се дека многу деца можеби никогаш нема да го достигнат загубеното образование, а бројни студии покажаа дека затворањето на училиштата предизвикало бројни негативни психолошки и социјални последици врз младите. Затоа во 2021 година скоро сите земји во светот одлучија дека децата треба да се вратат назад на училиште.
Високиот број на заразени од ковид можно е да го измени моделот на настава во второто полугодие. Од Министерството за образование и наука за „Слободен печат“ велат дека за било какви промени во моделот на наставата, насока треба да даде Комисијата за заразни болести.
-Информираме дека согласно податоците кои ги добиваме секој ден од училиштата, првото полугодие заврши со 0,18% активни случаи на заболени ученици од вкупниот број на ученици со физичко присуство. Во месец декември, просекот на новозаболени ученици на дневна основа изнесуваше околу 0,01%, соопшти МОН./MИА/.