Двајца маскирани напаѓачи, вооружени со автоматски пушки, упаднале во седиштето на француското сатирично списание „Шарли Ебдо“ (Charlie Hebdo), на 7 јануари 2015 околу 11 часот. Напаѓачите отвориле оган на вработените и членовите во редакцијата и на полицијците кои се обиделе да интервенираат, пред да успеат да избегаат со автомобил. Тие влегле во зградата и почнале да пукаат со автоматско оружје, извикувајќи „Алаху Акбар“ (Алах е голем). За време на нападот биле испукани околу 50 куршуми. Во нападот загинаа најмалку 12 луѓе, вклучувајќи два припадници на полициските сили, како и главниот уредник Стефан Шарбоније и тројца водечки карикатуристи.
Нападот на „Шарли Ебдо“
Во септември 2012 година, списанието „Шарли Ебдо“ објави серија сатирични карикатури на Мухамед. Со оглед на тоа што ова беше неколку дена по серијата напади на американските амбасади на Блискиот Исток, наводно како одговор на антиисламскиот филм „Невиноста на муслиманите“, француската влада одлучи да ја зголеми безбедноста на одредени француски амбасади, како и да затвори Француски амбасади, конзулати, културни центри и меѓународни училишта во околу 20 муслимански земји. Покрај тоа, полицијата за борба против нереди ги опколи канцелариите на списанието за да го заштити од можни напади.
Во редакцијата „Шарли Ебдо“, тој кобен 7 јануари 2015 година, упаднале двајца вооружени терористи. Во моментот на нивниот упад во редакцијата бил во тек колегиум, а напаѓачите се упатиле на местото каде се одржувал колегиумот. Било очигледно дека однапред знаеле кого бараат.
Напаѓачите влегле во просторијата викајќи; „Каде е Шарбоније?!“ Останатите кои се нашле во редакцијата настрадале потоа – напаѓачите ги убиле откако го погодиле главниот уредник Стефан Шарбоније. За време на нападот, вооружените лица извикувале „Allahu akbar“ („Господ е голем“ на арапски) и „Пророкот е одмазден“.
Францускиот претседател Франсоа Оланд, убиствата ги опиша како „терористички напад на најекстремното варварство“.
Двајцата вооружени напаѓачи беа идентификувани како Саид Куачи и Шериф Куачи, француски браќа муслимани со алжирско потекло.
Ден по нападот, од „Шарли Ебдо“, објавија дека објавувањето на списанието ќе продолжи, а следната недела издание на весникот ќе биде објавено според вообичаениот распоред со тираж од еден милион примероци, значително повеќе од вообичаените 60.000. На 13 јануари 2015 година, на Би-Би-Си излезе веста дека првиот број по масакрот ќе излезе во три милиони примероци. Потоа беше објавено дека со оглед на огромната побарувачка во Франција, тиражот ќе се зголеми од три на пет милиони примероци. Весникот објави дека приходите од изданието ќе бидат наменети за семејствата на жртвите.
„Je suis Charlie (Јас сум Шарли)“
Низ улиците на Париз на 11 јануари, повеќе од еден милион луѓе излегоа за да ја изразат својата солидарнаст со редакцијата „Шарли Ебдо“ и демонстрираа за правото на слобода за изразување. Над 40 шефови на држави и влади од целиот свет се солидаризираа со нив.
По нападите, фразата „Je suis Charlie“ – „Јас сум Шарли“, беше усвоена од поддржувачите на „Charlie Hebdo“. Многу новинари во светот го прифатија изразот како собирен повик за слобода на изразување и слобода на печатот.
Слоганот најпрво беше искористен на Твитер и се прошири на интернет. Оригиналната слика „Je suis Charlie“ со фраза со бел фонт на Charlie Hebdo на црна позадина беа создадени од францускиот новинар и уметник Јоаким Ронсин веднаш по масакрот.
Пророкот Мухамед кој самиот ги оплакува жртвите – со пораката „Јас сум Шарли“ и со солзи во очите – сатиричарите го ставија на насловната страна на своето „издание на преживеаните“, објавено неколку дена по крвавиот напад на редакцијата на парискиот сатиричен весник „Шарли Eбдо“ во јануари 2015 година. Оваа насловна страна е врежана во колективното сеќавање на Французите. „Сѐ им е простено“ – напишаа преживеаните уредници со црни букви под тогашната објавена карикатура, вели Андреас Нол за Дојче веле.
На 8 јануари 2015 година Амеди Кулибали – кој се дружел со Шериф Куачи во затвор – убил општинска полицајка во близина на Париз, а потоа на 9 јануари, тој погуби четворица мажи, сите Евреи, за време на заложничката драма во продавницата „Хипер Кашер“ во Источен Париз. Нивните терористички акции завршија со смртта на тројцата џихадисти при двоен полициски напад, извршен скоро истовремено во продавницата и во печатницата во парискиот регион каде се засолнија убијците од „Шарли Ебдо“.
На 2 септември 2020 година, четиринаесет лица излегоа на судење во Париз обвинети за обезбедување логистичка поддршка и набавка на оружје за оние кои го извршија пукањето во Шарли Ебдо и опсадата на супермаркетот Хиперкачер кошер. Во исчекување на почетокот на судењето, „Шарли Ебдо“ ги препечати карикатурите на Мухамед со натпис: „Tout ça pour ça“ („Сето тоа за ова“.
На 16 декември 2020 година, судењето заврши со сите четиринаесет обвинети осудени од францускиот суд.
Специјалниот суд на Париз го осуди Али Риза Полат на 30 години затвор за „соучесништво“ во терористичките злосторства извршени од браќата Саид и Шериф Куачи и Амеди Кулибали. Петтемина судии не ги послушаа барањата на националното обвинителство за борба против тероризмот, кое бараше доживотен затвор против присутните обвинети.
Хајат Бумедиен, невенчана сопруга на Амеди Кулибали која е во бегство, е осудена во нејзино отстуство на 30 години затвор. Оваа казна е во согласност со барањата на националното обвинителство за борба против тероризмот, кое ја потенцираше „важната улога“ во подготвувањето на нападите на младата жена, која замина во Сирија неколку дена пред нападите.
„Шарли Ебдо“ е француски неделен сатиричен весник, во кој се објавуваат карикатури, извештаи, полемики и шеги. Списанието се опишува себеси како силно антирасистичко, антиверско, и левичарско, па така често објавува статии против крајната десница, религијата (католицизмот, исламот, јудаизмот), политиката, културата итн.
Шарли Ебдо првпат се појави во 1970 година, откако месечното списание Хара-Кири беше забрането поради исмејување на смртта на поранешниот француски претседател Шарл де Гол. Во 1981 година, објавувањето престана, но списанието „воскресна“ во 1992 година. Списанието излегува секоја среда, со посебни изданија кои се издаваат на непланирана основа.
Ј. Ѓорѓиоски