Ми беше чест и задоволство во изминатите 4 години да ви служам. Заедно поминавме многу во историски најтешкиот период за македонското здравство. Поддршката која ја добивавме јас и моите колеги ни даваше сила да продолжиме напред и да ја водиме битка со пандемијата. Одново да се бориме за секој живот и да се грижиме за здравјето на секој пациент. Но, и покрај сите предизивици со глобалната ковид криза, успеавме да направиме темелни промени во здравството и да реализираме инвестиции на кои сум навистина горд, пишува во соопштението на Министерството за здравство.
„Го вративме достоинството и мотивацијата на здравствените работници со покачување на платите како никогаш порано. Тие сега земаат повисоки плати од 25 до 40%, а специјализантите за првпат се платени додека специјализираат. Верувам дека новата Влада ќе продолжи да ги покачува платите бидејќи здравствените работници тоа го заслужуваат. Се грижевме за сите пациенти подеднакво како и за оние кои порано беа игнорирани и заборавани. Обезбедивме лекови за пациентите со ретки болести.
Нема ниеден пациент без достапен лек затоа што секој човек е важен, а воспоставивме и регистар за ретки болести. Нашата земја конечно нема лекови од паралелен увоз, ги укинавме и квотите, и сега сите лекови се квалитетни и достапни во секое време.
Дијабетичарите имаат конечно достапен врвен инсулин, а за децата со дијабет обезбедивме средства за набавка на безболни апарати за мерење на гликемија. И покрај економската криза, инвестициите во здравството не запреа. За четири години реновиравме и изградивме здравствени капацитети повеќе од било кога во минатото.
Реновирани се 50 здравствени установи, клиники и хируршки сали кои се опремени по највисоки светски стандарди. Отворени се нови центри и оддели во рамки на болниците и пациентите сега ги добиваат услугите онаму каде живеат.
Набавивме медицинска опрема која овозможува операциите, за кои порано пациентите одеа во странство, сега да ги правиме дома. Набавивме најсовремени апарати, 9 компјутерски томографи и 7 магнетни резонанци.
Ова претставува најголемо вложување во клучна апаратура во историјата на нашето здравство. Особено сум горд на вложувањето во здравјето на нашите најмили- децата. Со нова апаратура по светски стандарди, но и посветеност и личен развој на колегите од Гинекологија, успеавме да ја намалиме новороденечката смртност за три пати. Малите борци кои се раѓаат порано сега имаат врвна нега и светски услови за раст и развој“, се вели во соопштението.